Зашто не бев изненаден кога се обелодени аферaта со прислушуваните разговори т.н. „бомби“. Беше очекувана во контекст на свесното одбегнување да се реформира Управата за безбедност и контраразузнавање, но многу повеќе да се промени менталната матрица на раководните структури во детектирањето на безбедносните закани по државата.
Па така, сите години на независноста на некогашната држава Република Македонија доминира полициско идеолошката компонента во нејзиното функционирање и, наместо да се концентрира на изворната функкција на контраразунавањето: идентификација и спречување на заканите по безбедноста на државата преземени од странски разузнавачки служби или организации или поединци вовлечени во шпионски активности, саботажи, суберзивни дејства или тероризам, УБК се концентрираше на внатрешниот непријател, онака како што беше дефиниран во линиите на нејзината работа преземени од поранешна Југославија.
Само како потсетување, уште далечната 2001-ва беа детектирани слабостите во функционирањето на УБК, сега презентирани како основа за нејзина реформа. После 18 години не е нешто ново и нешто што Мистерството за внатрешни работи не знаеше дека во работата на УБК е пренагласена идеолошко политичката компонента и полициските овластувања, дека се слаби и атрофирани аналитички способности на службата, дека е слаба кооперативноста и размената на информации, има преклопување на надлежностите, дека е застарена и неефикасна методологија во нејзината работата, дека слабо и безмалку никакво е користењето на јавни извори на информирање и предностите на виртуалната разузнавачка заедница, недоволна е нејзината стручна и професионална екипираност, недоволна е заштита на информациите од доверлив (таен) карактер и нивен одлив, слаби се безбедносни проверки и немање континуиран тренинг и обука на вработените внатре во УБК. Знаеја сиве овие години а молчеа.
Како што ги премолчеа зборовите на еден бивш премиер и бивш лидер на партија кој јавно призна дека во оваа држава се прислушува, се уценува, се заканува, се прават политички досиеја за луѓе, се злоупотребува тајната полиција за партиски цели (и какви се’ не, страв ми е да помислам), се реставрира едноумието и се фингира вистината. Или изјавата на друг сериозен политичар (креатор на бугарските летоци), чии зборови секогаш ги земате за сериозно, дека четирите големи политички партии располагаат со опрема за прислушување. Иако не понуди докази за ваквата изјава, не видовме дека некој ја демантира или оспори. Но ги слушнавме т.н. „бомби„. Или изјавата на лидер на политичка партија од албанскиот блок кој од говорница на Собрание јавно ќе обелодени дека бил прислушуван. Еден пак поранешен разузнавач во милост на еден од преживеаните претседатели ќе потврди дека тајната полиција пакувала случаи и вршела таен надзор над граѓаните за политички цели. И, никому ништо. Молк. И сето ова му претходи на наголемиот скандал со прислушувани разговори. Коинциденција или не. Сега веќе небитно.
Камо да бевме сериозна држава со сериозни државни институции, истражувачко новинарство, интелектуален потенцијал и вистински граѓански сектор. Немаше така лесно да бидат искажани вакви зборови што ја отсликуваат монструозноста на кршењата на правата на граѓаните што ни се случувале во државава од нејзиното осамостојување. Можеби, ако дел од овие зборови беа истражени „бомбите“ ќе беа превенирани и немаше да ја спознаеме грдата слика на политиката и „демократските капацитети“ на државата. Барем не на тој начин. И, секако, идеолошката матрица на тајната полиција која како по некоја однапред зададена задача во поранешна Југославија знаела каде да ги детекрира непријателите на државата. Оние внатрешните. Сакате до 1998 година, во 2001 и конечно во 2014. Иста е целта и ист е објектот на обработка. И, иста е завршницата на скандалите со прислушувањето, промена на власта. Дури и луѓето што се споменуваат како креатори на прислушувањето во 2001 и 2014 се исти. Се е исто. Само годините се различни.
Дефинитивно сме болна држава. Само кај нас може да ни се случи јавно преслушување на нелегално стекнати прислушувани разговори и никој да не одговара за тоа. И никој притоа да спомене дека грубо е прекршена приватноста во Македонија. Само кај нас може да постојат двојни аршини во (не)казнувањето на прислушувањето. Само кај нас може перцепцијата за политиката да се гради само на половина раскажана приказна. Само кај нас може да формирате политичко обвинителство за преслушување на прислушувани разговори. И да очекувате приучен правник да ја заштити демократијата, приватноста на граѓаните и да го проветри минатото, а богами и сегашноста од опасноста на рециклирање на тоталитарната матрица во државата, манифестирана низ делувањето на тајната полиција.
Се’ додека не добиеме одговор на прашањата за егзистирање на прислушни уреди надвор од државна контрола, одговорност за нелегалните прислушувања досега, а не само оние од „бомбите“, не можам да му верувам, а сакам, на директорот на ОТА кога ќе изјави дека сега нема незаконско следење на комуникациите на поединци. Или дека реформираната тајна полиција ќе се ослободи од својата идеолошка компонента во работењето. Ова ме потсети на изјавата министерот за финансии во владата од 2002 дека од преземањето на власта веќе нема корупција во државата. Со државотворните се престанува: криминалот, корупцијата, прислушувањето, а богами и државата.
Затоа можете да направите најдобра реформа на хартија и да имате искрено добра волја за тоа. Но колку е и да е добра реформата и желбите да успее, сепак вистинската е во главите на оние што работат во УБК. Само кога ќе разберат дека треба да и служат на државата, а не на одредена партија можеби тајната полиција ќе престане да постои и ќе се трансформира во новата Агенција за национална безбедност (АНБ). Секако, до следниот скандал со прислушување сепак треба да и дадеме шана на реформата.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес