Реформите на судско-обвинителскиот систем се содржани во „Платформа 1198“, вели Мицкоски

Новото парламентарно мнозинство планира да поднесе неколку законски решенија, меѓу кои и законите кои што го регулираат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и новиот начин на избор, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција во Собранието, посочувајќи дека тоа е содржано во програмата „Платформа 1198“, која на изборите доби повеќе од половина милион гласови, и дека тој легитимитет од изборите „ни дава за право да постапуваме никако поинаку, освен она што е содржано во таа програма“.

Само на тој начин, нагласи Мицкоски, може да ја развиваме Македонија, во спротивно ќе тонеме во нашето политичко мочуриште и нема да одиме напред.

– Зборуваме за техничката влада. Ние уште пред изборите имавме јасен и прецизен став дека нема потреба од техничка влада. За жал тогаш не наидовме на поддршка од страна на тогашното владино мнозинство. Еден од законите ќе биде тој. Исто така, тука се законите, со кои што треба да се отвори фронт против корупцијата, а тоа се законите кои што го регулираат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и новиот начин на избор, за тоа биде избор на самите судии и обвинители. Да нема политичко мешање, по принципот како до сега, изјави Мицкоски.

Во однос на реакцијата на министерот за правда во заминување, Кренар Лога дека со најавените законски измени ќе се направи „упад“, Мицкоски рече дека упад ќе направат „упад кај малкумина партизирани судии и обвинители, кои што, за жал влијаат негативно врз оние судии и обвинители кои што си ја вршат работата согласно закон и устав“.

– Господинот Лога, но и останатите од претходната власт имаа можност речиси седум години да го реформираат и обвинителскиот и судскиот систем и наместо досегашните катастрофални два, три проценти доверба да го направат барем двоцифрен тој процент. За жал тие не успеаја, изјави Мицкоски.

Програмата „Платформа 1198“, во која е содржана оваа реформа, нагласи Мицкоски, доби повеќе од половина милион гласови, а заедно со коалицијата повеќе од 600 илјади гласови. Цениме дека тој легитимитет од изборите, продолжи Мицкоски, ни дава за право да постапуваме никако поинаку, освен она што е содржано во таа програма.