Министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Сања Божиновска, денеска оствари средба со Армен Григорјан, постојан претставник на Развојната програма на Обединетите нации (УНДП) во земјава.
Главен фокус на состанокот беше реформската агенда, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Министерката Божиновска се осврна на плановите на Министерството и статусот на тековните проекти, како и на можностите за подобрување на идните планови и активности, сè во насока на продлабочување на соработката со Развојната програма на Обединетите нации.
Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство е посветено на активности насочени кон зелена енергетска транзиција и намалување на емисиите на јаглерод. Преку значајни инвестиции во обновливи извори на енергија и целосна гасификација на државата, се создаваат услови за енергетска ефикасност и технолошки развој. Овие активности ќе обезбедат доверлив и одржлив пристап до енергија за граѓаните и стопанството, истовремено заштитувајќи ја животната средина, истакна Божиновска на состанокот.
Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, истакна дека Развојната програма на Обединетите нации ќе продолжи со силната поддршка на државата и нагласи дека Министерството за енергетика, минерални суровини и рударство и понатаму може да смета на континуирана и конкретна соработка. Нашата поддршка вклучува развој на човечки и институционални капацитети, обезбедување знаење, демонстрација на решенија и градење партнерства. Подготвени сме, доколку е потребно, да ги ставиме на располагање нашите експерти, кои можат да помогнат во повеќе области и проекти, како енергетската ефикасност, еко-пасоши, обновливите извори на енергија, сè со цел успешна реализација на зацртаните проекти на вашето Министерство, истакна Григорјан.
Божиновска изрази благодарност до канцеларијата на УНДП за нивната соработка, нагласувајќи ја важноста на ова партнерство за поттикнување на успешна реализација на македонските национални приоритети и планови за зелена транзиција.