Регионот ги следи проектите и програмите што ги презема македонската влада за подобрување на бизнис климата и за привлекување странски инвеститори.
Во анализата на МИА се наведува дека активните мерки за привлекување странски инвеститори и подобрување на бизнис климата организирањето на роуд-шоуа, обезбедувањето поволни кредитни линии за компаниите, ослободувањето од придонеси при вработување на различни категории граѓани, отписот на долгови, доделувањето на финансиска помош за отворање нови работни места, проектите за пензионерите, бесплатните учебници, се само дел од големиот број проекти и мерки на македонската Влада што се превземени и започнаа да се реализираат во поголем број на држави од регионот.
Регионот го следи македонскиот пример за привлекување странски инвестиции
Ваквиот начин на преземање на проектите на македонската Влада од страна на другите Влади претставува пример за одлично конципирани проекти и признание за одличните програмски проекти на македонската Влада.
Го почитуваме она што се случува во Македонија и зголемување на растот кој што Македонија го прави. Ние учиме и прифаќаме од сето она што се случува во Македонија, не се срамиме од тоа, туку и сме горди на тоа. Сите паметни луѓе учат од сите оние кои сметаат дека може да научат од некого, а ние многу учиме од нашите македонски колеги, изјави при втората заедничка владина средба на мaкедонската и српската влада, српскиот премиер Александар Вучиќ, посебно поздравувајќи го пристапот на македонската Влада во процесот на привлекување на странски инвестиции.
Македонскиот пример за привлекување на странски инвестиции преку организација на роуд-шоуа за промоција на одличните услови за правење на бизнис во државата, што изминативе години покажува одлични резултати преку новоизградените капацитети на странските инвеститори и новонајавените инвестиции што ќе се реализираат во наредниот период, како што рече претставуваа причина за преземање на овој успешен концепт на работа на македонската Влада од страна на речиси сите Влади од регионот. Најголем дел од земјите од регионот по примерот на Македонија ги намалуваат даноците, посебно данокот на добивка, а меѓу останатите е и Црна Гора.
Овој концепт на организирање на роуд-шоуа е превземен од Србија, Хрватска и Романија, беше оценет како исклучително позитивен од страна на албанските власти, а истиот во насока на привлекување на странски инвеститори беше практикуван и од грчкото политичко водство. Пример за тоа се големиот број организирани бизнис и инвестициони форуми и средби на владините претставници од овие земји пред претставници од бизнис секторот во повеќе земји.
Србија го следи примерот на Македонија за неколку активни програми и мерки
Во Србија каде се реализира проектот за доделување на бесплатен одмор на пензионерите, како што се реализира во Македонија преку проектот за бесплатна бањско-климатска рекреација и бесплатниот викенд, се започна и со легализација на бесправно изградени објекти, исто како што тоа беше воведено од македонската Влада. Превземен е и концептот за избор на раководни лица преку преку конкурс кој веќе во континуитет е спроведуван од македонската Влада.
Во Србија во 2014 година беше најавен и концептот на ефтини кредити за малите и средни компании преку субвенционирани каматни стапки, концепт што во нашата држава се спроведува од пред повеќе години преку Македонската банка за поддршка на развојот преку поголем број на поволни кредитни линии за македонските компании, со субвенционирана каматна стапка.
Во Хрватска, покрај македонскиот пример за организирање на роуд-шоуа како начин за привлекување на инвеститори, на почетокот на годинава беше превземен и проектот на македонската Влада за отпис на долгови, со што хрватската Влада дефинираше проект со кој на социјално ранливите категории граѓани ќе им бидат отпишани долговите на начин како што тоа е веќе реализирано во Македонија.
Во оваа држава од 2011 година, налик грантовите за самовработување што македонската Влада ги спроведува преку Агенцијата за вработување изминативе години, се спроведуваат мерки за стимулирање на самовработувањето преку доделување на финансиска помош за реализација на бизнис план и самовработување, а се доделуваат и кредитни средства од 3.000 евра за едно работно место на невработени лица кои се заинтересирани да почнат сопствен бизнис, мерка каква што се спроведува изминативе години и во нашата држава.
Истовремено, македонските проекти „Купи куќа- купи стан“ и проектот за изградба на станови за лица од социјалните категории граѓани и млади брачни парови, беа причина и во Србија и Хрватска да се работи на создавање можности за решавање на станбеното прашање на граѓаните со пониски примања и социјален ризик.
Македонските мерки за поттикнување на вработувањата пример за другите земји во Регионот
Проектот „Македонија вработува“, во чии рамки македонската Влада дефинираше ослободување од плаќање на придонесите за работодавачите кои ќе вработат различни категории на граѓани, е исто така еден од повеќето проекти на македонската Влада кои поттикнаа интерес од повеќе држави во регионот.
Владата на Република Словенија веќе подготвува законски измени со кои би се дефинирало ослободување од плаќање на придонеси за компаниите кои ќе вработат постари лица.
Затоа сега во Словенија се подготвува промена на закон кој би ги стимулирал работодавачите да вработуваат и постари лица, а да бидат ослободени од плаќање на давачки за здравствено и пензиско осигурување. Тоа да го направи државата, изјави претседателот на синдикати на Словенија, Душан Семулиќ.
Мерките за субвенционирање при вработување и на млади лица се исто така мерки кои се присутни во земјите од регионот како активна поддршка во процесот на вработување на лица до 29 години, концепт кој во Македонија се применува повеќе години, со кој се реализираа голем број на вработувања на млади лица.
За политичките аналитичари и експертската јавност овие примери, но и голем број на други превземени законски решенија, проекти и мерки од програмата на македонската Влада во останатите држави, претставуваат признание за визијата на македонската Влада при дизајнирање на проектите и мерките во различните сфери и области, а истовремено и признание за корисноста од овој вид на мерки за различните категории на граѓани и привлекувањето на странски инвеститори. Ова, како што велат познавачите, е пример кој значи и позитивен момент во процесот на градење на имиџот на нашата држава во регионални и меѓународни рамки и доказ дека нашата држава континуирано работи на спроведување реформи и креативни проекти и мерки прифатени и поздравени како од граѓаните, така и од повеќе држави.