Расте интересот, но и поддршката во грчката јавност за гасоводот Турски тек, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Весникот “Параполитика” информира дека проектот ќе резултира со значителни геополитички и огромни финансиски придобивки. Неговата изградба во Грција, според најавите треба да почне оваа година, а ќе отвори околу 23 000 работни места. Проектот ќе биде готов за четири години, а целосната вредност на инвестицијата ќе изнесува 2 милијарди евра.
Грчкото издание на порталот “Еуроактив” пак, информира дека рускиот министер за енергетика Александер Новак соопштил дека Русија преговара со секоја од транзитните земји, а на Европската Комисија и порачал да не ја политизира изградбата на гасовoдот.
“Разговорите за конструкцијата на гасоводот беа споменати и од постојаниот претставник на Русија во ЕУ, Владимир Чижов, кој што информираше дека на 7 ми април во Букурешт се сретнаа министрите за надворешни работи на Унгарија, Грција, Турција, Србија и Македонија и дискутираа за перспективата на гасоводната врска од грчко-турската граница до централна Европа. На следниот состанок во Кремлин, пак, премиерот Алексис Ципрас и претседателот Владимир Путин постигнаа решение да го градат “Грчкиот гасовод”, во продолжение на “Турскиот гасовод”, пишува “Еуроактив”.
Москва смета дека Брисел нема формална причина за да ја спречи изградбата на гасоводот, но и дека има интерес поради политички причини, гасот наместо преку Турски тек и натаму да се транспортира преку Украина.
Учеството пак, на Македонија во гасоводниот проект, но и непопустливоста на Груевски за името се причините за обидот за државен удар во Македонија, организиран од Заев во соработка со странски тајни служби, се тезите што изминатиов период беа застапени во анализите на дел од грчките медиуми, меѓу кои и весниците “Катимерини” и “Контра Њуз”.
Во неодамнешната анализа на онлајн магазинот “Ворија” пак, пишува дека отстранувањето на премиерот Никола Груевски од власт, ќе му ја донесе власта на Зоран Заев за кого што е прифаливо решение за името согласно грчките барања. Во анализата се проблематизира тоа што Заев е подготвен само за промена на името, но не и за менување на идентитетот – името на јазикот и нацијата.
“Секако дека евентуалното отстранување на Груевски од власт ќе му ја донесе власта на Заев кој што прифаќа сложено име со географска одредница, како што прифаќаат и партиите на власт во Грција. Но Заев не попушта во однос на прашањето со јазикот и нацијата”, пишува “Ворија”.
Решение согласно грчките барања значи прифаќање на сложено име со географска одредница за вкупна употреба, дома и меѓународно, менување на Уставот со цел промена на уставното име и целосно бришење на Република Македонија.