Регистрирани 15 новозаболени од коронавирус во изминатото деноноќие

Во изминатите 24 часа регистрирани се 15 новозаболени од корона вирус во Македонија, соопшти министерот Венко Филипче.

-Регистрирани се 15 нови случаи. Во Скопје 4, Куманово 8 и по еден во Тетово, Струга и Штип. Со ова вкупната бројка изнесува 570 лица.  Со оглед на тоа што епидемијата сосема очекувано, го смени текот. Ова е фаза во која очекува бројот на пациенти да расте и токму затоа беа донесени новите мерки. Беше забележливо дека и досега во една фаза дел од граѓаните не ги почитуваа препораките. Ги имавме предвид и претстојоните празници и убавото време кога ги носевме овие дополнителни мерки, рече Филипче и додаде:

– И досега, во една фаза, дел од граѓаните не ги почитуваа мерките, а сега оценивме дека претстојните празници и убавото време повторно ќе ги тераат луѓето да излегуваат надвор. Социјалната дистанца конечно ќе стави крај на ширењето на коронавирусот. Социјалната дистанца не е во природата на човекот, но тоа сега ни е најпотребно. Апелирам до сите да се придржуваат до мерките, оти само така ќе го намалиме бројот на заболени и само така нашиот здравствен систем ќе остане стабилен. Постојано се прават тестирања за коронавирусот, а просекот во изминатиот период на ден изнесува 350 тестирања – истакна Филипче.