Регулаторите одлучија БЕГ да испорачува затоплување на домовите и при температури од 16 степени

И кога надворешната температура преку ден ќе биде до 16 Целзиусови степени, компанијата БЕГ ќе мора да испорачува парно греење во домовите, наложуваат измените со кои се дополнуваат мрежните правила за дистрибуција на топлина и кои предвидуваат зголемување на температурните граници при прекин на работа на топланите.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) која ги одобри ваквите измени, соопшти дека целта е да се зголеми комфорот на потрошувачите приклучени на системот за централно греење кои во услови на пандемија се приморани подолго време да престојуваат во своите домови.

„Со измените кои ги одобривме, БЕГ се задолжува во услови кога надворешната температура преку ден стигнува до 16 Целзиусови степени да има испорака на топлинска енергија во домовите. Ги повикувам компаниите за зголемена општествена одговорност во состојба на пандемија. Воедно ги информирам потрошувачите дека се разгледува можноста за прекршочна постапка поради непочитување одредби од Законот за енергетика и обврските дефинирани со лиценцата за вршење на енергетската дејност, вели претседателот на РКЕ““, Марко Бислимоски.

Според него, потрошувачите кои се незадоволни од услугата од дистрибутерите на топлинската енергија може да поднесат приговор до РКЕ.