Реконструиран водоводниот систем во Долно Дупени

Реконструираниот водоснабдителен систем, со кој се решава проблемот со чиста и квалитетна вода за пиење на околу 200 жители денеска беше пуштен во употреба во преспанското село Долно Дупени.

Вредноста на проектот е 22.000 долари, средства обезбедени од Швајцарската Агенција за развој реализиран преку УНДП Македонија. Реконструираниот водовод во употреба го пуштија градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски и постојаниот претставник на УНДП во Македонија Лујза Винтон.

– Со решавањето на проблемот со водоснабдување во Долно Дупени го решаваме проблемот на околу 200 постојани жители на ова долно Преспанско село. Во текот на летниот период во туристичката сезона тука претстојуваат над 1.500 луѓе и недостатокот на квалитетна вода за пиење навистина беше голем проблем за нив, рече Стрезовски.

Преку реализација на вакви проекти, нагласи тој, општина Ресен очекува не само подобрување на условите за живеење на преспанчани, туку и многу побрз и позасилен развој на сите сегменти. Недостатокот на квалитетна вода за пиење во селото Долно Дупени, според градоначалникот, бил голем проблем кој жителите со децении го чуствувале.

Целта на програмата за мали инфраструктурни грантови наменети за Месните заедници, за амбасадорката Винтон, е да го подобри квалитетот на животната средина во Преспанскиот регион, но и квлитетот на животот на локалното население.