По седум години од убиството на Ангел Петковски, денеска беше извршена реконструкција кај Очната клиника во Ѓорче Петров, по одлука на Основниот кривичен суд Скопје, а на барање од одбраната на обвинетиот Насер Ештрефи.
На реконструкцијата присуствуваа родителите на починатиот Ангел, обвинетиот Насер Ештрефи, како и судијката Дијана Груевска-Илиевска.
Пред судскиот совет и јавноста беа прикажани две верзии на убиството, на обвинителството и на Ештрефи. Сликата од денот кога беше убиен матурантот, прво ја раскажа таткото Сашо Петковски, кој бил на лице место кога Ештрефи, со нож го пребодел неговиот син. Со лисици на рацете и полициско обезбедување втората верзија од убиството ја раскажа Насер.
Сашо Петковски, татко на починатиот Ангел изјави дека и покрај преголемата болка тој прифатил да присуствува на реконструкцијата.
Претходно обвинетиот Ештрефи, со одлуката на Основниот кривичен суд Скопје беше осуден на 14 години затворска казна, што беше потврдена од скопската Апелација. Одлуките ги укина Врховниот суд и судењето против обвинетитот Ештрефи е вратено на повторно одлучување.
Ангел беше убиен со нож на 19 мај 2014г. кај Очната клиника во Ѓорче Петров, а татко му до последен момент се борел да го спаси животот на својот син. Тогаш Насер Ештрефи беше прогласен за виновен со пресудата од 6 јули 2015 година и доби 14 години затворска казна. Врховниот суд ја укина пресудата против Ештрефи, со образложение дека во повтореното судење ќе треба да се проверат динамиката и редоследот на случувањата кои му претходеле на убиството на 18-годинишникот. Случајот со убиството на матурантот Петковски ја разгоре јавноста и жителите на населбата Ѓорче Петров кои излегоа на протести во 2014-та година.
На Фејсбук страницата Ѓорче Петров, денеска има реакција за поништување на пресудата од Врховниот суд.