Во рамките на Годишната програма на Министерството за култура, годинава ќе биде реконструиран објектот во кој било сместено првото училиште со настава на македонски јазик во с. Подвис, Кичевско.
Овој објект се наоѓа во незавидна и руинирана состојба. Од тие причини и заради зачување и соодветен третман на ова значајно спомен-обележје за македонската историја, култура и образование, стручните екипи на Националниот конзерваторски центар интензивно работат на проектот за негова целосна санација и реконструкција која ќе се спроведува во неколку фази.
Реализацијата на проектот за реконструкција и санација на овој значаен споменик на културата е дел од заложбите на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура за соодветен третман и достојна презентација на објектот во кој пред 70 години за првпат се одржала настава на македонски јазик.
Училиштето во с. Подвис започнало да работи на 23 септември 1943 година, само шест дена по ослободувањето на Кичево, кога учителот Василко Лазарески го одржал првиот час на македонски јазик на слободната територија на Македонија.