Рекорд на цената на златото, доларот јакне а нафтата поскапува

Поради неизвесноста на финансиските пазари, цената на златото, кое се смета за посигурно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, последниве денови расте. Претпладнево цената на унца злато достигна рекордно високо ниво од 2.935 долари.

А на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути благо се зголеми во раното претпладневно тргување во вторникот.

Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 108,35 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 108,25 поени.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 151,95 на 151,70 јени.

Сепак, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0300 долари, додека вчера во истиот термински пресек изнесуваше 1,0315 долари.

Цените на нафтата пораснаа втор ден по ред. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево порасна за 0,49 отсто, на 76,25 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,44 отсто, на 72,65 долари.