Убиствениот напад на Голден Стејт Вориорс беше пресилен за Кливлен Кавалирс во вториот натпревар од финалната серија НБА лигата, одиграна ноќта кон понеделникот во „Оракл Арената“ во Окленд, по којашто Вориорси поведоа со 2-0 и се на две победи до одбрана на титулата.
Двократниот МВП на лигата, Стефен Кари со деветте „тројки“ го собори рекордот на НБА финалните серии, постигнувајќи 33 кошеви во убедливата победа на Вориорс над Кавалирс од 122-103.
Актуелните шампиони водат во серијата која може максимално да се игра во седум натпревари со 2-0 и му се приближуваат на третиот трофеј во последните четири години, а дуелот сега се сели во Кливленд каде што во среда и во петок треба да се одиграат третиот и четвртиот дуел од серијата.
Откако во првиот меч постигна личен рекорд со 51 поен, Леброн Џејмс овојпат ги водеше Кавалирс со 29 кошеви, но во првата половина од дуелот мина на паркетот дури 12 минути без погодок, што Вориорс го искористија резултатски да се одлепат.
Пред рекордните девет „тројки“ на Кари, рекордот на финалните серии со осум „тројки“ го држеше играчот на Бостон Селтикс, Реј Ален, поставен во 2010 година.