Рекорд нa новозаразени со корона во Германија, строгите мерки не помагаат

Во Германија, во последните 24 часа се пријавени 23.679 нови инфекции, што е најголем број заразени во земјата од почетокот на пандемијата.

Претходниот рекорден број на нови случаи беше на 20 ноември, кога биле регистрирани 23.648 новозаболени лица. Досега во Германија се евидентирани вкупно 1.242.203 инфекции со ковид-19.

Германија во моментов е во делумна блокада, што очигледно не успеа да го намали бројот на нови случаи. Затоа германската канцеларка Ангела Меркел побара построги мерки, пишува ДВ.

Во последните 24 часа во таа земја починале 440 лица, а ден претходно 590 починале од коронавирус, што е најголем број смртни случаи од почетокот на пандемијата.

Канцеларката Ангела Меркел вчера ги замоли граѓаните на Германија да ги намалат контактите и да преземат дополнителни мерки на претпазливост.

“Ако сега имаме премногу контакт со нашите најблиски за време на Божиќните празници зашто е последен Божиќ со баба и дедо, тогаш нема смисла. Не треба да го правиме тоа”, рече таа.

Германија го започна вториот бран на пандемијата со делумно заклучување, што се чини дека не функционира, се вели во анализата на ДВ.

На почетокот на ноември беа затворени сите ресторани, кафулиња, барови, како и театри, кина, спортски сали и многу повеќе. Но, продавниците останаа отворени и училиштата и градинките работат сосема нормално.

Ограничувањата воведени со делумното заклучување ја следат идејата за забрана на сè во што луѓето уживаат и е поврзано со трошење на слободното време, но економијата да биде поштедена што е можно повеќе.

Традиционалните предбожиќни саеми не се одржуваат оваа година, но многу сопственици на ресторани, на кои им е дозволено да продаваат храна со достава, исто така нудат греано вино за носење. Значи, тие заработуваат малку пари за да ја намалат загубата поради целосното затворање.

За тоа што е дозволено, а што е забрането, самостојно одлучуваат владите на федералните покраини. Како резултат, ограничувањата поради короната се нееднакви низ Германија, а делумно се и крајно контрадикторни. Последниот пример е олабавувањето на ограничувањата за контакти за Божиќ, објавено од федералниот канцелар и покраинските премиери.

Во пандемијата на корона, Германија е далеку од моделот што беше во првиот бран. Додека бројот на заразени пролетта беше најмногу околу 6.000 на ден, во моментов има скоро четири пати повеќе нови инфекции. Повеќе од 4.000 пациенти во моментов се лекуваат на одделите за интензивна нега во Германија. Пролетта, во најлош случај, тој број беше околу 2850.

Низ Германија, болниците имаат просечно уште три слободни кревети за интензивна нега. Според Алијансата за интензивна нега, секој втор пациент кој е на респиратор умира во болница.

„Не можеме да прифатиме голем број смртни случаи во Германија“, рече премиерот на Баварија, Маркус Содер. Во ноември тој предупреди дека ковид-19 убива исто толку луѓе во Германија секој ден, колку во една авионска несреќа.