Никола Јокиќ одигра уште еден квалитетен натпревар и беше предводник на Денвер Нагетс во победата над Мемфис Гризлис од 122-109, победа со која составот од Колорадо го потврди пласманот во разигрувањето за пехарот.
Србинот на овој натпревар испиша нова историја во НБА лигата, односно стана прв играч во ова натпреварување кој во една сезона успеал да дојде до бројки од 2000 поени, 1000 скокови и 500 асистенции.
-Ова е нешто што ќе го паметам до крајот на мојот живот. Ве сакам навивачи на Денвер, -рече Јокиќ кој мораше да носи лента на главата откако на почетокот на дуелот беше удрен од Џерен Џексон Јуниор.
-Мислам дека Фелипе (фитнес тренер) ќе го продаде на Е-Беј, -се пошегува Никола кој во однос на МВП наградата кратко порача:
-Искрено, голем број играчи играат на високо ниво. Се трудам да бидам скромен, да останам на земја. Не размислувам за тоа. Дали сум еден од најдобрите? Не знам. Само се обидувам да победам, -заврши ѕвездата на Денвер.