
Повеќе од 40 масовни убиства се извршени во последната година во САД, што е рекордно високо ниво вакви злосторства полседните 50 години, пишува весникот USA Today.
Според базата податоци составена од агенцијата Associated Press, весникот USA Today и Североисточниот универзитет во Бостон, во 2019 година биле извршени 41 масовно убиство во САД, во кои животите ги загубиле четири или повеќе лица. Од нив во 33 случаи злосторниците користеле огнено оружје. Како резултат на овие масакри, вкупниот број жртви годинава достигнал 211 луѓе.
Покрај тоа, како што истакнува весникот, повеќето од овие убиства не биле проследени од медиумите на национално ниво, бидејќи тие не биле извршени на јавни места.
Повеќето инциденти, исто така, биле поврзани со семејни расправии, дрога и разбојништва, како и од незадоволници кои својата агресија ја насочиле кон колегите или роднините. Во прилогот се истакнува и дека истрагата честопати не можела точно да утврди што ги поттикнало напаѓачите да ги извршат масакрите.
Убиствата со најголемиот број жртви биле извршени во сојузната држава Калифорнија, каде што на сила е еден од најстрогите закони за оружје, пишува USA Today.
Претходно рекордна според бројот масовни убиства била 2006 година. Тогаш биле регистрирани 38 такви инциденти. Ваквата статистика се води инаку од 2004 година, но архивските податоци укажуваат дека сегашните податоци ги надминуваат годинишните стапки за бројот на масовните убиство од 70-те години на минатиот век.
Од друга страна, 2017-та останува забележана како година во којашто во едно масовно пукање се убиени најмногу луѓе. На музички фестивал во Лас Вегас маж кој пукаше од својата хотелска соба уби 58 луѓе и тоа е најкрвавиот масакр во поновата историја на САД.