Австралиските спасувачи открија уште околу 200 насукани китови на западниот брег на Тасманија, па нивниот број достигна рекордно ниво од речиси 500 примероци, а во среда беше известено дека се пребројани околу 470 китови.
Новата група насукани животни е откриена утрото околу седум до десет киилометри од првата локација во пристаништетот Маквери.
„Од воздух се чини дека повеќето угинале. Изгледа дека не треба да се спасуваат“, изјавил Ник Дека, од тасманската управа за паркови и животински свет. Тој смета дека нема да откријат нови насукани китови.
Биологот Крис Карлион, од програмата за зачувување на морињата, вели дека станува збор за насукување на рекордно голем број китови во Тасманија.
Во понеделникот на плажите се насукаа 270 китови на три локации во пристаништето во близина на градот Страхан. Една третина угинале и пред почетокот на обидот за нивно спасување. Во вторникот спасувачите успеаја да ослободат 25 китови, а во текот на ноќта помал дел повторно се насукал, но повеќето веќе биле во длабоките води.
Таканаречените китови пилоти се многу социјални суштества со јасно одредено групно однесување, па се стравува дека спасените примероци би можеле да се обидат да се вратат кај насуканото јато.
Карлион вели дека спасувачите можеле да слушнат како китовите кои се нашле во неволја меѓусебно се довикувале. Според него, причините за насукувањата не се познати, но посочува дека фосилните остатоци укажуваат на тоа дека се случувале и низ историјата и оти не може да се припишат на човековото влијание.