Бројот на непополнети работни места за приправници во Германија достигна рекордно високо ниво минатата година, според истражувањето објавено во вторникот од страна на Институтот за истражување за вработување (IAB).
IAB, огранок на Сојузната агенција за вработување, објави дека околу 35 отсто од приправничките позиции останале непополнети во 2023 година, што е повеќе од 15 отсто во 2010 година. Компаниите како најчеста причина за ваквата ситуација го наведоа намалениот број на соодветни кандидати.
Истражувањето, исто така, ја одразува промената на „рамнотежата на моќта“ во Германија, која се префрли од работодавец на вработен од 2010-тите, при што барателите на работа стануваат сè попребирливи кон компаниите кои бараат работници, вели директорот на IAB, Бернд Фиценбергер.
Во Западна Германија, уделот на непополнети позиции за приправници бил нешто помал отколку на Исток. Дополнително, бројот на непополнети приправнички позиции, исто така, се намалува со големината на компанијата. Кај многу малите фирми бројот на непополнети работни места бил околу 57 отсто, додека кај големите само 12 отсто.
Градежната индустрија и занаетите за услужни дејности, како што се фризерските салони, наишле на најголеми тешкотии, па речиси половина од сите позиции за приправници во овие сектори останаа непополнети, објави IAB.
Со цел да се зголеми атрактивноста на приправнички програми, компаниите првенствено се потпираат на бонуси и специјални плаќања, како што се оние за полагање испити или надомест за годишен одмор, наведува IAB. Во 2023 година, 62 отсто од сите компании платиле такви давачки.
IAB користел податоци од репрезентативно годишно истражување на околу 15.000 компании од сите големини и сектори за истражувањето.