Стапката на раст на бројот нови пациенти заразени со коронавирусот во Чешка, која бележеше пад последните две седмици, во средата повторно достигна рекордно ниво од 15.729 случаи во последните 24 часа, соопшти во четвртокот министерството за здравство.
„Во текот на средата во земјата за рекорден број се зголеми бројката на новите пациенти со коронавирусот за 15.729 лица, што е за 2.751 повеќе од истиот ден минатата седмица. Бројот на смртните случаи и натаму расте, и според ажурираните податоци рекорден е во вторникот 3-ти ноември со 223 смртни исходи. Во просек, бројот на хоспитализираните и сериозно болни пациенти се зголемува за 10 отсо на дневно нов, а за средата овие податоци изнесуваат 8.278 пациенти од кои на 1.244 им е потребна интензивна нега“, се наведува во соопштението на чешкото министерство.
Во текот на целиот период на епидемијата во Чешка, со коронавирусот вкупно се заразиле 378.716 лица, од кои оздравеле 174.820, а 4.133 луѓе починале.
Според чешкото министерство за здравство, вкупниот број смртни случаи од различни причини во октомври бил најголемиот во последните 15 години, при што има зголемување од 14 отсто на просечниот годишен број умирања во овој месец. Меѓу починатите главно се повозрасни од 65 години и мажи.
Чешкиот министер за здравство Јан Блатни во средата за новинарите рече дека строгите рестриктивни мерки во борбата против коронавирусот кои ги донесе владата во текот на две-три седмици, ќе дадат резултат не порано од 10 до 14 дена, но предупреди дека бројот на хоспитализираните и тешките форми на Covid-19 ќе расте.
Премиерот Андреј Бабиш, пак, во четвртокот изјави дека неговата влада на вонредна седница во петок има намера да го разгледува можното датум за продолжување на работата на училиштата и дуќаните.
Од 5-ти октомври во Чешка е на сила вонредната состојба која парламентот минатата седмица ја продолжи до 20-ти ноември. Во земјата во моментов се затворени сите училишта и универзитетите, угостителските објекти, културните установи, продавниците освен оние за храна, забрането е излегување на улиците без особена потребата и без маска, како и консумирање алкохол на јавни места.