На њујоршки Волстрит, индексите S&P 500 и Dow Jones скокнаа на рекордно високо ниво во четвртокот, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од агресивното намалување на каматните стапки на американската централна банка и очекувањата за натамошно намалување на цената на парите.
Индексот Dow Jones зајакна 1,26 отсто, на 42.025 поени, додека S&P 500 скокна за 1,70 отсто, на 5.713 поени, а индексот Nasdaq порасна за 2,51 отсто, на 18.013 поени.
Индексите S&P и Dow Jones постигнаа нови рекорди благодарение на намалувањето од 0,5 процентни поени од страна на Fed во средата. Дополнително, челниците на централната банка на САД проценуваат дека ќе ги намалат каматните стапки за дополнителни 0,5 процентни поени до крајот на годината, а за цел процентен поен во следната година.
Претседателот на Fed, Џером Пауел, изјави дека состојбата во економијата е добра, дека таа расте, а инфлацијата паѓа. Сето тоа предизвика еуфорија на пазарот, па вчера со зголемен обем на тргувањето берзанските индекси достигнаа нови рекордни нивоа. Во осум од 11-те најважни сектори, цените на акциите пораснаа, а највисоко, повеќе од 3 отсто, во технолошкиот сектор.
„Федералните резерви исцртаа прилично добра слика за економијата, така што сега можеме да видиме дека парите се враќаат на пазарот и во некои сектори кои досега забележаа побавен раст“, вели Џејмс Раган, директор во „Wealth Management Research“.
Така, цените на акциите на помалите компании вчера значително пораснаа, за кои пониските каматни стапки може да донесат намалување на трошоците и зголемување на побарувачката за нивните производи и услуги. Меѓу добитниците беа акциите на регионалните банки, кои со пониски каматни стапки може да очекуваат зголемување на побарувачката за кредити.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,91 отсто, на 8.328 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 1,55 отсто, на 19.002 поени, а париски CAC зајакна 2,29 отсто, на 7.615 поени.