Рекордна бројка новозаразени од корoнaвирусот, шест починати

Алармантен број нови случаи од коронавирусот се бележат денеска во земјава. Со 225 новозаразени од направени 1.694 тестирања ова е втора највисока бројка на дневно ниво од почетокот на пандемијата. Битката со коронавирусот во последните 24 часа ја загубија 6 лица, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2450.

Министерот за здравство Венко Филипче свика итен состанок со Комисијата за заразни болести каде се анализираше актуелната епидемиолошка состојба и зголемениот број на случаи со КОВИД-19. По завршувањето на состанокот Филипче истакна дека ќе се следи епидемиолошката состојба и за време на викендот ќе се знае дали и какви рестриктивни мерки ке треба да се препорачаат, засега состојбата останува иста.

„И следните денови ќе следиме какви ќе бидат бројките на новодијагностицирани. Ова е навистина висока бројка во однос на претходните денови. Заклучивме дека денеска и утре треба да се направи увид за начинот на трансмисија на вирусот во секоја општина посебно. Ако нешто откриеме, да може да одлучиме какви мерки и каде би се вовеле.“

Дали ќе се намали работното време на угостителските објекти или да се намали бројот на маси ќе се знае по епидемиолошките прашалници.Филипче не исклучува и затворање на градинки и училишта, но вели дека планот за рестрикција вклучува и затоворање градинки и училишта, но и да се вклучат и други ученици во настава од ноември со физичко присуство, ако тоа го дозволува епидемиолошката состојба.

Македонија останува на врвот во регионот според смртноста која ја предизвикува корона вирусот. Во текот на вчерашниот ден во земјава се бележат два смртни случаи на милион жители што е највисока стапка во опкружувањето.

Сите останати земји од регионот вчера имале по само еден починат случај.