Рекордна загуба од речиси три милијарди евра на „Siemens Energy“

Германската енергетска компанија „Siemens Energy“ извести во понеделникот за загуба од 2,9 милијарди евра во третото тримесечје од својата фискална година, што претставува најголема загуба откако е основана во 2020 година како фирма-ќерка на германскиот индустриски концерн „Siemens“.

Врз разочарувачките резултати главно влијаеле трошоците на подружницата којашто работи со ветротурбините „Siemens Gamesа“, како и со тоа поврзаните негативни даночни ефекти.

Приходот на компанијата „Siemens Energy“ пораснал во вториот годинешен квартал за 9 отсто, на 7,5 милијарди евра. Компанијата сега очекува рекодна загуба од 4,5 милијарди евра во целата своја финансиска година, којашто трае до крајот на септември.

Во јуни „Siemens Energy“ ги повлече своите претходно објавени насоки за деловните резултати за оваа фискална година, предупредувајќи дека утврдиле проблеми во работењето со ветроцентралите. Повеќето проблеми се детектирани во ветроцентралите на копното од 108 гигавати, вклучително и лопатките и лежиштата, а сето тоа би можело да ѝ предизвика голема штета на компанијата.

Сега компанијата објави дека очекува трошоци за поправки и замена на забележените недостатоци на копнените ветротурбини коишто ги произвела и испорачала во износ од 1,6 милијарди евра.

Извршниот директор на компанијата, Кристијан Брух, вели дека резултатите укажуваат на предизвици на коишто наишле при враќањето на работењето на „Siemens Gamesа“ во позитива.

„Силниот ефект во нашите други деловни области ми дава доверба во способноста на нашата компанија да го врати работењето на цврсти темели“, вели Брух.

Пред три години „Siemens Energy“ беше издвоен од „Siemens“ и е котиран на берзата. Оттогаш, групацијата ниедна фискална година не ја заврши во плус.