![fentanil Meksiko](https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/12/fentanil-Meksiko-696x522.avif)
Мексиканските безбедносни сили известија во средата за најголемата заплена на фентанил во историјата, во обем од 1.100 килограми од овој синтетички опиоид во сојузната држава Синалоа.
Ударот врз организираниот криминал е проценет на 400 милиони долари, а запленетотата количина на дрога одговара на 20 милиони дози фентанил, се наведува во полициското соопштение.
Фентанил е синтетичка дрога која се проценува дека е 50 пати посилна од хероинот и е одговорна за смртта на десетици илјади Американци кои умираат од предозирање секоја година. Мексико произведува најголем дел од фентанилот што влегува во САД, користејќи хемиски прекурсори увезени од Кина и од други места.
Акцијата доаѓа во време на веќе напната состојба во Синалоа, каде насилството е во пораст бидејќи фракциите на истоимениот картее водат меѓусебни жестоки борби по апсењето на водачот Исмаел „Ел Мајо“ Замбада во јули.
Мексико е под притисок на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој најави дека ќе ја натера соседната земја да стори повеќе за да го запре транспортот на смртоносниот опиоид кој однесе стотици илјади американски животи, како и илегалната миграција. Ако не види резултати, Трамп се заканува дека ќе воведе високи царини.
Мексиканските власти, исто така, соопштија дека во вторникот привеле повеќе од 5.200 мигранти низ целата земја, што сигнализира дополнително заострување на мерките насочени кон спречување на мигрантите да стигнат до границата со САД. Од 1-ви октомври до 3-ти декември, мексиканските власти запреа речиси 350.000 мигранти, според морнарицата.