Рекордната инфлација ги принуди Британците да штедат

Рекорден пораст на трошоците за живот го претвори Обединетото Кралство од нација на потрошувачи во нација на штедачи, покажува истражувањето спорведено од фондацијата Resolution.

„Бурниот период на промени на цените“ го смени начинот на кој домаќинствата се чувствуваат за своите пари, при што трошоците опаднаа повеќе од приходите, вели во својата студија на Фондацијата.

Се чини дека податоците коишто ќе бидат објавени следната седмица ќе покажат дека инфлацијата се враќа блиску до целното ниво од два процента, по три години висок раст во кој домаќинствата трошат помалку и штедат повеќе, соопшти фондацијата.

Со оглед на тоа што инфлацијата на индексот на потрошувачки цени (CPI) се очекува да биде блиску до целното ниво на централната банка Bank of England (BoE) во април, фондацијата разгледувала ако инфлаторните притисоци влијаеле на животниот стандард, однесувањето на потрошувачите и финансиите.

CPI достигна највисоко ниво од 11,1 отсто во октомври 2022 година, а од март 2021 година, цените се зголемија за вкупно 22 отсто. Во 12-те месеци заклучно со март 2024 година, CPI се зголеми за 3,2 отсто, под зголемувањето од 3,4 отсто во истиот период до февруари.

Десетгодишна инфлација акумулирана за три години

Обединетото Кралство ја собори „нормалната“ инфлација која би траела повеќе од една деценија за само три години. Особено брзо се зголемија трошоците за основните потреби, па посиромашните домаќинства се најдоа во центарот на кризата, бидејќи поголем дел од нивната заработка оди на овие трошоци, велат авторите на истражувањето. Домаќинствата генерално остро ги намалуваат трошоците за време на кризата на трошоците за живот.

Остриот пораст на инфлацијата ја намалила вредноста на заработката. Непосредно пред пандемијата на коронавирусот во четвртиот квартал од 2019 година, реалниот расположлив приход на домаќинството по лице паднал за 1,1 отсто (или 280 фунти односно 354 долари годишно), но реалната потрошувачка по лице опаднала за многу повеќе, за 4,7 отсто или 1.200 фунти годишно.

Во последните три месеца од 2023 година, семејствата заштедиле шест проценти од расположливиот приход, што е највисока стапка во период без пандемијата во повеќе од 30 години, според истражувањето.

„Иако, секако, е добра вест дека вкупната стапка на инфлација се нормализира, сепак доживеавме голем инфлаторен шок, најголем во најмалку две генерации“, велат истражувачите.

Додаваат дека големите промени во вкупните цени и уште поголеми промени во релативните цени на енергијата и храната ќе продолжат да ги следат граѓаните на Обединетото Кралство.

„Ова значи дека сега треба да трошиме повеќе на основните потреби или да трошиме помалку од порано. Така, турбулентниот период на промени на цените го преобликува нашиот животен стандард“, заклучуваат тие.

Иако инфлацијата конечно се враќа на целното ниво, ефектот од неодамнешниот инфлаторен шок ќе фрли сенка долго време, додаваат авторите на истражувањето.

„Кризата нѐ претвори од нација на потрошувачи во нација на штедачи. Трошењето за кредитни картички падна за 13 отсто, а семејствата заштедуваат околу 54 милијарди фунти повеќе отколку што очекувавме годишно“, се наведува во студијата.