Рекордни цени на какаото во светот, двојно поголеми од лани

На светско ниво какаото го сруши рекордот по цена со 5.874 долари за тон, што е последица на сушите на плантажите во Западна Африка.

Оваа сума, евидентирана на суровинскиот пазар во Њујорк, е речиси двојно поголема од почетокот на минатата година, објави Би-Би-Си.

Какаото поскапе поради лошата жетва предизвикана од многу ретки врнежи, пред се во земјите кои се два најголеми светски производители – Гана и Брегот на Слоновата Коска.

Британскиот јавен сервис истакнува дека штетите во Западна Африка се всушност последица на феноменот на климатскиот систем Ел Нино.
„Трговците стравуваат од уште една лоша година за производството, стравувањата засилени од Ел Нино, кој им се заканува на посевите во Западна Африка со топло и суво време“.

Зголемувањето на цената на зрната какао ги зголемува трошоците на големите производители на чоколада, што ќе се одрази и на цената за потрошувачите, забележа Би-би-си.

Производителот на чоколади Херши во четвртокот објави пад на приходите за 6,6 отсто за четвртиот квартал од минатата година, откако граѓаните под притисок на инфлацијата купуваа помалку слатки.

Во декември 2023 година, британското здружение за заштита на потрошувачите „Which? објавија дека цените на некои празнични чоколадни бонбони пораснале за најмалку 50 отсто во споредба со истиот период во 2022 година, додека во ноември цените на чоколадите во британските супермаркети пораснале за 15,3 отсто.