Германија минатата 2022 година забележала најголем повоен прилив на население, при што кај најголемиот број доселеници станува збор за бегалци од Украина, објави во вторникот Државното биро за статистика во Визбаден.
„Во 2022 година во Германија се доселиле 1.462.000 луѓе повеќе отколку што се иселиле, при што најголем број, околу 1,1 милиони отпаѓаат на државјани на Украина“, се наведува во соопштението на Државното биро за статистика.
Чувствителен пораст на доселувањата се бележи повторно од Сирија – 68.000 луѓе, од Авганистан – 55.000 и од Турција – 49.000 луѓе.
Истовремено, забавено е доселувањето од земјите членки на Европската унија. Најголем број странци од ЕУ се доселиле од Романија – 35.000, од Полска 18.000 и од Португалија – 13.000 лица. Интересно, најголем број доселеници во Германија од регионот има од Хрватска, новата членка на еврозоната, од која се доселиле 21.726 лица но истовремено во обратен правец се иселиле и 19.583 луѓе кои немаат германско државјанство.
Најновите статистички показатели укажуваат и на засилени миграции во самата Германија. Најголемиот прилив жители е забележан во сојузната покраина Бранденбург во која од Берлин, кој е опкружен со Бранденбург, се иселиле 14.000 лица, што се припишува на сѐ поголемите цени за домување во германскиот главен град.
Кога станува збор за иселувањето во странство, германските државјани најчесто ги избирале соседните Швајцарија и Австрија, како и САД.