Рекордно ниска стапка на наталитет во Италија во 2024-та

Бројката на раѓања во Италија се движи кон нов негативен рекорд во 2024 година, соопшти заводот за статистика на земјата, продолжувајќи го падот кој трае 16 години со ред и достигнувајќи ја најниската стапка на наталитет од обединувањето на Италија во 1861 година.

Падот на наталитетот предизвикува тревога во земјата, но и покрај тоа што неколку влади овој проблем го истакнаа како приоритет, ниту една не успеа да го спречи падот.

Во периодот меѓу јануари и јули годинава се родени 4.600 бебиња помалку од истиот период лани, што е пад од 2,1 отсто, објави заводот..

Во цела 2023 година се родени 379.890 деца, шест на илјада жители. Тоа е за 3,4 отсто помалку отколку претхоната 2022 година и за 34,1 отсто помалку од 2008 година, последната година кога наталитетот бил позитивен.

Податоците за првите седум месеци од годинава покажуваат дека стапката на фертилитет или просечниот број деца родени од една жена од 1,2 е под стапката од 2,1 што е потребна за да се одржи стабилна популација.

Демографските податоци на Италија во однос на потенцијалот за економски раст од 2023 до 2040 година се најлоши во Европа, а стареењето на населението е закана за одржливоста на јавните финансии.

Други податоци на институтот покажуваат дека Италијанките во просек го раѓаат своето прво дете на 31 година и дека 42,2 отсто од бебињата се родени од немажени жени, повеќе од 41,5 отсто минатата година.