Ректорот на УКИМ е одликуван со престижното француско одличје „Витез од Национален ред за заслуги”

На ректорот на УКИМ, еминентен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и еден од најпознатите абдоминални хирурзи Никола Јанкуловски вечерва во француската резиденција за значајниот придонес во фарнцуско – македонската универзитетска соработка му беше врачено престижното признание „Витез од Национален ред за заслуги” на Република Франција.

– Покажавте голема отвореност за различни форми на соработка со Франција. Од вашето именување за декан на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје во 2009-та, благодарение на добрата соработка Францускиот институт успеа да реализира повеќе настани во амфитеатарот на Деканатот како „Празникот на науката” и бројни конференции од областа на физиката, медицината и радиофармацијата. Од вашиот избор за ректор на УКИМ во 2016 година оваа соработка вклучува и нова димензија. Тука мислам на потпишувањето на Договорот со Универзитетската агенција за франкофонија кој овозможи отворање на Центарот за универзитетска успешност во септември 2018 година во кругот на кампусот на Универзитетот – проект кој се чекаше со години а се реализираше благодарени на вас, рече меѓу другото францускиот амбасадор – нарекувајќи го Јанкуловски пријател на Франција.

Бомгартнер се осврна на силната поддршка од ректорот Јанкуловски и за издавањето двојна диплома по применети странски јазици помеѓу УКИМ и Универзитетот во Кајен, а особено го подвлече деблокирањето на средствата од Константин Стојанов во рамки на Фондацијата што го носи името на овој богат македонски покровител и можноста тие да се користат за универзитетската мобилност со Франција, особено на студентите од Катедрата по фарнцуски јазик и книжевност.

Ректорот Јанкуловски нагласи дека ова одликување го смета за голема привилегија и чест, но и голем мотив да продолжи по патот кој го одбрал – да и служи на својата земја, но и да придонесува за пријателството и соработката меѓу двете земји.

– Целокупниот личен и професионален капацитет ќе го насочам за продолабочување на соработката меѓу нашите две земји нашата земја Република Македонија и Република Франција, посебно во делот на академската соработка која отвора многу предизвици, идеи, многу можности и многу хоризонти за нас, и создава дополнителни вредности како што се слободната мисла, демократијата, просперитетот и благосостојбата на граѓаните од нашата земја – рече Јанкуловски.

Одликувањето „Витез од Национален ред за заслуги” на Република Франција, е воведено 1963 година од францускиот претседател Шарл Де Гол и едно од најпрестижните одличја што Франција го дава на лица за особени заслуги за Републиката.