6.8 C
Skopje
четврток, ноември 14, 2024

Ременски очекува исход од нејзините пријави до Антикорупциската комисија

Антикорупциска комисија работи на предметите и веќе ги има констатирано дел од работите што и јавно ги изнесував.

Се уверив дека членовите на Комисијата имаат преземено сериозни чекори и дека реално можам да очекувам исход од моите пријави, изјави пратеничката Фросина Ременски откако со членовите на ДКСК претпладнево ги разгледале сите актуелни пријави во врска со постапување на институциите што таа ги поднела преку парламентарен надзор, како и идните пријави што треба да бидат процесирани.

Се работи за предметот за противправно овозможување пензија на заменик-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Силјан Аврамовски од страна на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за кој, рече, има сериозни прекршувања на законот.

Вториот предмет се однесува на имотот на кој живее поранешниот директор на УБК Горан Николовски за кој, како што рече Ременски, ДКСК во досегашното постапување констатирала дека директорот живее на тој имот.

Останува да се доистражат, рече, можностите и релациите за можна корупција поврзано со актуелни предмети и предмети на СЈО односно дали тој од позиција на директор влијаел или овозможил некакво добро на свој поранешен шеф, а поврзано и со актуелниот предмет „Рекет”.

– Дали непостапувањето на директорот, кој живее во куќата на адвокатот на Орце Камчев е можеби причина зошто не биле преземени службени дејствија коишто требало да бидат преземени, изјави Ременски. Посочи дека пријавата за овој предмет во Антикорупциска не е поврзана со случајот „Рекет”, но, рече, остава сериозен впечаток и фрла сомнеж дека „непостапувањето по службена должност на директорот на УБК Николовски, кому во неколку наврати му биле пријавени дејствија од семејството Камчеви, е фактот што тој живее во куќата на неговиот адвокат”.  Притоа додаде дека покрај кривични дела со сторување, има и кривични дела со несторување односно иако во ноември 2018 примил информации дека се случува „Рекет”, до мај 2019 од директорот немало службено постапување за да се спречи.

На новинарско прашање дали покрај директорот на УБК, во тоа време бил информиран и политичкиот врв, Ременски рече претпоставува дека не бил.

-Затоа што ако бил информиран државно-политичкио врв, тогаш сигурно немале да следуваат јавните појавувања и дружби на политичари, јавни обвинители, луѓе од правосудството со обвинетите во „Рекет”, додаде Ременски.

Пријатно изненадена, рече, е од тоа што Антикорупциската подготвува постапување во врска со долгогодишниот предмет во предистрага што се однесува на опремување на Министерството за внатрешни работи со лаборатории, што таа го пријавила во 2013 година. Таа пријава, рече, до 4 април ќе бидат седум години како стои во фиоката на обвинителката Гордана Смаќовска, но нема јавнообвинителско постапување односно одлука. ДКСК ќе преземе, рече Ременски, активности за овој сериозен предмет, во содејство со државниот јавен обвинител.

-Станува збор за класична злоупотреба на тендерска постапка во опремување на МВР преку злоупотреба на Министерството за образование и наука односно Факултетот за безбедност во врска со три лаборатории во вредност од 4,2 милиони евра. Јас таа пријава ја поднесов на 4 април 2013 и поради таа пријава бев суспендирана од местото продекан за настава и наука на Факултетот за безбедност-Скопје. Дополнителен факт е тоа што токму на опрема од кривични дела се врши вештачење на предмети од кривични дела. Под таа потпрограма се потрошени фантастични 66 милиони евра од МОН, а прашање е дали сите високообразовни институции ги добиле лабораториите за коишто аплицирале, рече Ременски. /МИА