Пратеничката Фросина Ременски денеска по давањето исказ во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во врска со истрагата за случајот „Меѓународен сојуз“ рече дека добила решение дека истрагата за неа е завршена и оти очекува Обвинителството да ја запре постапката против неа.
„Денеска дадовме одговори и појаснувања за прашања кои што можеби биле причина за отворање на истрагата. Секако ги расчистивме сите прашања кои се во тој контекст како дилема на Јавното обвинителство. Сметаме дека врз основа и на исказите и врз основа на прибраните докази Јавното обвинителство ќе цени да ја запре постапката кон мене во овој случај, рече Ременски.
Таа потврди дека добила решение за завршена истрага кон неа и дека ќе ги искористат сите законски права до конечната одлука на Јавното обвинителство.
Ременски по исказот во Обвинителството кажа дека јавноста треба да се позанимава со дејствијата на поранешниот директор на УБК Горан Николовски, за тоа што тој преземал по службена должност околу пријавувањето на дејствијата од страна на фамилијата Камчеви.
-Која е улогата на поранешниот директор на УБК Горан Николовски во делот на пријавувањето на дејствијата од семејството Камчеви? Што преземал како службени дејствија? Дали ако нешто презел, ќе си дозволеа министерот за внатрешни работи и премиерот во март месец да присуствуваат на прославата на телевизијата и да даваат видео честитка“, рече Ременски и додаде дали е можеби тоа прашање за некаква корупција имајќи предвид дека е потстанар кај адвокатот на семејството Камчеви.
„Очекував, истакна Ременски, овие сериозни прашања да бидат повеќе истражени од медиумите и на јавноста да и биде поподатливо за што се работи. Кога професор по безбедност ќе стане таргет на параполициски структури, кога ќе стане таргет во една разузнавачко и параполициска ситуација и кога ќе се најде во ваков апсурд пред надлежните институции да се правда за нешто дали сторил или не, додека на сите останати на кои професорката им го открила криминалот ќе се трудат тој воопшто да не биде дознаен во јавноста, рече Ременски.
Ременски вчера по излегувањето од Обвинителството, каде вршеше увид на доказниот материјал против неа за овој случај, рече дека видела сè, освен докази. Таа додаде дека немало нејзин потпис на ниту еден документ доставен како доказ во Обвинителството.
Од Обвинителството соопштија дека врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дошол до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 до април 2018 година, првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13 како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво.Во овој случај осомничени се и Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и неговата асистентката Христина Блажевска.