Иако Министерството за труд и социјала има добиено грант од Банката за развој при Советот на Европа, во износ од 2 милиони евра во почетокот на ноември оваа година токму за овие намени, до денес Ременски ги нема завршено постапките за да овозможи достоинствени услови, греење и затоплени шатори и објекти во транзитните центри, јавува порталот Телеграф.мк.
Како што пишува порталот, технички назначената министерка за труд и социјална политика, Фросина Ременски, еден месец ги нема подмирено обврските на Министерството за обезбедување електрична енергија за затоплување на објектите во транзитните центри на северната и на јужната граница.
Поради неажурноста на Ременски илјадници сириски мигранти, меѓу кои има жени и деца се смрзнуваат во прифатните центри.
Според изјавите на лицата што се присутни во прифатните центри, состојбата таму е критична.
Исто така греење нема ниту на северната граница во кампот во Табановце. Три големи шатори и 20 ИКЕА-куќички, со вкупен капацитет за 1.000 луѓе, се незатоплени.
Во кампот во Гевгелија нема греење во дури 5 големи шатори и десетина куќички со капацитет за над 1.000 лица, кои се целосно незатоплени и греење има само во малиот шатор на УНИЦЕФ.