![Serie A: Juventus-Roma](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/8b402c398608e76367b563f27dd4925e.jpg?resize=696%2C422&ssl=1)
Актуелниот италијански фудбалски првак рутински со 2:0 како домаќин ја совлада Болоња во последниот натпревар од саботната програма од третото коло на Серија А.
Милан поведе со луцидниот удар на Рафаел Леао во 21 минута во поблискиот агол на лошо поставениот гостински голман Лукаш Скопруски, додека конечниот резултат во 58 минута го постави францускиот ветеран Оливие Жиру.
Милан поради подобрата гол разлика ја води групата од екипи кои по три кола имаат седум бодови, во која уште се и Лацио, Торино и Рома, додека Болоња остана на еден бод и моментално е 17-та.
Претходно во Торино во дербито на колото Рома успеа да освои бод против Јувентус кој доминираше во првото полувреме. Домашните во водство ги донесе преку фантастично изведен слободен удар Душан Влаховиќ уште во втората минута од мечот, а потоа „Старата дама“ имаше уште неколку одлични шанси за да го удвои водството, како и еден поништен гол во 25 минута по одличниот удар на Локатели, но по прегледување на ВАР-от беше утврдено дека Влаховиќ пред да додаде до асистентот Квадрадо играл со рака. Иако надиграна во поле Рома успеа да израмни на 1:1 откако во петерецот во една мешаница во 69 минута највисоко скокна Тами Абрахам и со глава го совлада Шчечни. Јувентус со второто последователно рем сега е седми со пет бодови.
Специја на домашен терен одигра 2:2 со Сасуоло. Гостите поведоа преку Давиде Фратези во 27 минута, но по само три минути израмни Симоне Бастоне. Специја во четвртата минута од судиското продолжение дојде до резултатски пресврт откако пенал реализираше М’Бала Нзола. Сепак, гостите уште еднаш успеаја да ја погодат домашната мрежа, преку Андеа Пинамонти во 50 минута. Во последните десетина минути Саусуоло имаше бројна предност која не ја искористи, откако кај Специја во 81 минута поради два жолти картона беше исклучен Албин Екдал. И двата клуба имаат по четири бодови и се на делба на 11-то место.
Во првиот саботен дуел Торино на гости славеше со 2:1 кај повратникот по долги години во Серија А, тимот на Кремонезе. Гостите поведоа преку Хрватот Никола Влашиќ во 17 минута, кој шутираше од осум метри, топката го погоди Бјанкети кој бранеше но сепак заврши во мрежата. Водството на гостите го удвои Србинот Немања Радоњиќ во 65 минута, а домашните го ублажија поразот во 80 минута преку Леонардо Серникола. Торино е во врвот со седум бодови, додека Кремонезе без освоен бод е претпоследен 19-ти.