Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и претседателот на Сојуз на здруженијата на пензионерите на Македонија, Драги Аргировски го посетија реновираниот Дневен центар за стари лица во Маџари, Гази Баба.
При посетата, министерот Спасов потсети дека со цел спроведувањето на заедничките активности околу отворањето на Дневен центар и центар за давање помош во домашни услови во Општина Гази Баба, на почетокот на месец јули 2013 година, беше потпишан Договор за меѓусебна соработка, по што беше започнато со изведувањето на градежно занаетчиските работи,преку реконструкција на просториите во поранешното кино Маџари. Овие градежни работи беа обврска на Општина Гази Баба, и истите беа завршени до крајот на минатата година, а Министерството за труд и социјална политика изврши опремување со потребната опрема и инвентар.
„Дневниот центар и центарот за давање помош во домашни услови, ќе функционира во простории коишто се прилагодени и приспособени за работа со лица во трето доба и истиот се формира во рамките и под надлежност на Општина Гази Баба. Како корисници на услугите можат да се јават стари лица од населба Маџари, како и од останатите околни населени места во Општина Гази Баба”, рече во изјавата за медиумите министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Во однос на идните планови, министерот Спасов рече дека во 2014 година се предвидува отворање на три Дневни центри за стари лица.
„За задоволување на реалните потреби на старите лица, Владата и Министерството за труд и социјална политика, и во наредниот период ќе продолжат да преземаат мерки за реформи во заштита на старите лица и во таа насока планирано е понатамошно развивање на социјални сервиси за стари лица во државата, во општини каде се јавува потреба и можност за реализација. Така за 2014 година се предвидува отворање на нови вакви центри во општините Неготино-н.м. Тимјаник, Чешиново Облешево и Виница”, дополни Спасов.
Во Македонија постојат пет дневни центри за стари лица во Чашка, Богомила, Самоков, Бучин и Вевчани. Во соработка со Градот Скопје и Црвениот крст на Градот Скопје се отворија два Дневни центри за стари лица и центри за давање помош во домашни услови во Скопје и тоа: во Општина Центар и Општина Чаир.
„Министерството за труд и социјална политика, исто така, дава отворена поддршка на сите невладини организации и општини кои се подготвени да го развиваат овој домен на вонинституционална заштита на стари лица. Корисници на услугите на Дневниот центар за стари лица и центарот за давање помош во домашни услови се старите лица кои живеат на подрачјето на општините во коишто се отворени”, рече министерот Спасов.