Репортери без граници: Во последните 20 години убиени се 1.668 медиумски работници

Најмалку 12 новинари биле нападнати кога приврзаниците на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро упаднале во зградите на главните државни институции во Бразил, објави Унијата на професионални новинари, со седиште во бразилската престолнина. Во изминатите две години, 77 случаи на насилство врз новинари се забележани во Бразил. Вo во последните две децении, пак, според Репортери без граници, во светот биле убиени 1.668 медиумски работници.

Податоците на Репортери без граници за убиствата на машки и женски новинари беа собрани од 2003 до 2022 година и се засноваат на годишните прегледи на организацијата. Бројките покажуваат дека во просек годишно биле убиени повеќе од 80 новинари.
Годишниот биланс на загинати го достигна својот врв во 2012 и 2013 година со 144 убиени, најмногу како резултат на војната во Сирија. По 2013 година, организацијата бележи намалување на бројот на повредени медиумски работници. Скок се случи минатата година, кога животот го загубија 58 новинари, што е најмногу во последните четири години.
За две децении, 80 отсто од смртните случаи во медиумската индустрија се случиле во 15 земји, а најмногу смртни случаи имале Ирак и Сирија (вкупно 578 убиени новинари), што е повеќе од една третина од вкупниот број во светот. Следат Авганистан, Јемен и Палестина. Осум новинари се убиени во Украина од почетокот на војната, додека 12 се убиени во претходните 19 години. Франција е четврта најсмртоносна европска земја, што е резултат на масакрот во сатиричниот магазин „Шарли ебдо“ во Париз во 2015 година.
Интересно е и тоа што повеќе медиумски работници биле убиени во мировните зони отколку во воените зони. Станува збор за истражувачи кои се занимавале со теми поврзани со организираниот криминал и корупцијата. Така, со 47,4 отсто убиени новинари во 2022 година, Америка денес е најопасниот континент во светот за медиумите. Меѓу најопасните се Мексико, Бразил, Колумбија и Хондурас. На листата е и Азија, вклучувајќи ги Филипините со повеќе од 100 убиени новинари од почетокот на 2003 година, Пакистан со 93 и Индија со 58.
Од вкупниот број на убиени во изминатите 20 години, 81 биле новинарки. Најмногу колешки биле убиени во 2017 година – 10 од нив.