![stevComrt](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/04/stevComrt.jpg?resize=500%2C281&ssl=1)
Пендаровски од збор до збор го кажуваше говорот подготвен за митинзи. Стручњаците блиски до СДСМ му најдоа оправдување – во таа дебата тој бил ставен во втор план. Но, Пендаровски за кратко време успеа да ги демантира тие што се ставија во негова одбрана и посочуваа дека Пендаровски не победил, ама Иванов загубил, анализира неделникот „Република“, пренесува Нетпрес.
Се бараше дебата и се случи. Барем така велат. Претседателските кандидати за претстојните избори, Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Стево Пендаровски од СДСМ, Илјаз Халими од ДПА и Зоран Поповски од ГРОМ, една недела пред првиот круг од изборите седнаа на заедничка маса за да ги соочат своите гледишта и ставови за повеќе прашања поврзани со економскиот, политичкиот и општиот развој на државата. Но, сѐ имаше, само соочување не. Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, беше еден од најгласните за дебата. Обвинуваше дека кандидатот предложен од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, бега од дебата. Сакаше дебата со сите четворица кандидати, но некако се загуби во неа. Не бараше реплики, не дебатираше, а токму тоа се бараше од него, со оглед дека Иванов е тој што оди во трка по втор мандат. Пендаровски не ги критикуваше позициите на Иванов, не бараше реплика за досега сработено… Дебатата заврши со без реплика на Пендаровски и со две контрареплики. Во своето излагање обвини дека Иванов немал советник за безбедност. Впрочем, Иванов е еден од ретките што не го поканиле да ги советува за безбедност. Обвини дека можеби има некој за кафе-муабет, но не и официјален советник за безбедност објавен на веб-сајтот на Иванов. Иванов возврати дека не е точно оти нема координација, дека се работи за голем дел класифицирани информации, а советникот нема потреба да биде познат во јавноста, битно е дека е воспоставена комуникација со сите институции со кои претходно немало комуникација. Тука Пендаровски имаше контрареплика прашувајќи зошто е тајна тоа име.
Се очекуваше кандидатите да поентираат. Секако, најмногу се очекуваше од Пендаровски, најгласниот во барањето политичка дебата. Но, тој најмногу разочара. Се очекуваше да го кажат тоа што го немаат кажано во текот на изборната кампања, да ја истакнат клучна поента во нивното обраќање што ќе им ја донесе победата. Но, Пендаровски од збор до збор го кажуваше говорот подготвен за митинзи. Стручњаците блиски до СДСМ му најдоа оправдување – во таа дебата тој бил ставен во втор план. Но, Пендаровски за кратко време успеа да ги демантира тие што се ставија во негова одбрана и посочуваа дека Пендаровски не победил, ама Иванов загубил.
Ова за експертите и за аналитичарите е покажување нервоза поради неискористената шанса. Наместо да поентира на дебатата и да се соочи со Иванов за нивните различни ставови за некои клучни работи, Пендаровски молчеше пред Иванов. А, во поединечно интервју зборуваше што не чини во програмата на противкандидатот. Зошто не собра храброст да влезе во дуел, па фактите да покажат чиј став е подобар за народот и за државата.
– Дебатата заврши со предност на Иванов и со тежок дебакл на Пендаровски бидејќи советникот Пендаровски, буквално, се замрзна пред вистинскиот претседател Иванов. Мислам дека СДСМ не може да најде доволно голем смоквин лист што ќе го покрие фактот дека Пендаровски на дебатата дојде со огромна доза ароганција мислејќи дека за да победи, доволно му е само да се појави.Дојде неподготвен и се покажа дека е уплашен в лице да му го каже на Иванов тоа што го зборува на други дебати. Тоа не се квалитети на некој што се кандидира за претседател на Р.Македонија – вели политичкиот аналитичар Ивица Боцевски, кој смета дека Пендаровски треба да ја напушти ароганцијата и на наредната дебата да се претстави во подобро светло.
Бараше дебата, но од неа излезе со наведната глава.
– Пендаровски, дополнително,наместо да ги презентира своите ставови и мислења по поставените прашања, го бранеше својот поранешен шеф Бранко Црвенковски. Не успеа да ги надмине партиските рамки. Наместо да поентираат, тие ги повторуваат говорите од партиските митинзи – вели професорката Тања Каракамишева.
Иванов конкретен, Пендаровски конфузен
Едно од прашањата за кои разговараа претседателските кандидати беше проблемот со Грција за името, кој ги попречува евроатлантските интеграции на Македонија.
Ѓорге Иванов уште еднаш покажа цврсти позиции за името истакнувајќи дека за име не се преговара, а надминувањето на разликите и решението треба да се бараат во резолуциите на ОН, Привремената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
– Тоа е правна рамка и во неа може да се најде решение. Тоа не може да задира во националниот идентитет, нашата посебност, нашиот јазик, нашиот модел на соживот. И од тој аспект, во мојата програма пишува дека нема да прифатам промена на Уставот за да се промени уставното име на државата, а решение ќе се бара, и тоа како резултат на нашите пријатели на кои и им ја менуваме перцепцијата за ова прашање. Создаден е празен терен, каде што Грците освојувале. Ние успеавме 18 земји-членки на ЕУ да застанат зад нас и дека името не е пречка за почеток на преговорите – рече Иванов.
Наспроти него, Пендаровски даде конфузен и нејасен одговор посочувајќи дека името е најголемиот проблем на државата и не може да биде решен од ниту еден човек, ниту една влада или партија.
– Грција го има тој став со години иако грчките политичари се познати по тоа што не се поднесуваат многу меѓусебе и политичкиот дијалог меѓу нив не е на некое високо ниво, но тие го направија тоа како државна позиција. Ние сме тука хендикепирани во старт бидејќи немаме позиција на државата. Сѐ додека не направиме позиција на државата овде во Скопје, не треба воопшто да одиме на какви било преговори – рече тој.
Халими истакна дека тоа е прашање кое треба итно да се реши со поактивна дипломатија и повеќе иницијативи. Смета дека треба да се дојде до решение кое не допира во идентитетот на националностите и етничките заедници. За Зоран Поповски, пак, црвените линии се веќе зацртани во јавноста, а тоа е неотстапување од уставното име на државата и од идентитетот на нејзините граѓани. Но, вели, треба да се реактуализира двојната формула како можност за договор.
Иванов смета дека досега не сме имале подобри односи со соседите, а тоа се гледа во економската размена, инфраструктурните поврзувања и заедничките регионални проекти и иницијативи. Пендаровски, пак, смета дека регионот исчезнал од мапата на македонската надворешна политика и дека како мала држава со ограничени ресурси треба да се движи во овој регион, а не да се занимава со земји од БРИКС. Поповски смета дека односите со соседите треба да се унапредуваат со ставање акцент на иднината, а не на минатото.
Во однос на тоа како ја гледаат државата по пет години, Иванов истакна дека ја гледа Македонија како економски успешна и просперитетна европска држава-членка на НАТО која длабоко е навлезена во преговорите за членство со ЕУ. Како држава која ќе ги заврши сите позначајни инфраструктурни проекти, како коридорите 8 и 10, гасификацијата, изградбата на пругата кон Бугарија, на автопатиштата, зашто, како што вели, улогата на претседателот е да обезбеди поддршка за проекти кои ќе придонесат за поголем просперитет за сите граѓани. Пендаровски, пак, ја гледа Македонија поинаква од денес во клучните сегменти затоа што во виталните сектори земјата заостанува од тоа што била во 90-тите години на минатиот век, па и пред 7-8 години.
Иванов имаше реплика во однос на ставот на Пендаровски за економскиот просперитет посочувајќи дека, веројатно, Пендаровски не се разбира во бројки. Пендаровски со контрареплика тврдеше дека денес помалку луѓе живеат од земјоделство за разлика од порано.
Целиот текст прочитајте го во најновиот број на неделникот Република, кој излезе денеска…