Господ го создал светот за седум дена. „Црпнатиот“ спасител од Муртино, пак, сака да ја уништи Македонија за 10… Не грижете се, бројките не му одат. Владата требаше да падне за три дена, поминаа 130. Имаше 15 бомби, сега се 40. Задолжителното полагање математика на матура и не беше толку лоша идеја. Тие, пак, да ти учеле „радикализација“, ама кај Фрчко. И потоа Цацко им е виновен. А и тој да ти бил дел од отпорот. Маки… Ова го пишува неделникот „Република“ во анализата насловена „Радикални властољупци со ултиматум за спас на сопствената кожа“.
По повеќе од четири месеци глупирање, резултатот од „бомбите“ на СДСМ, конечно, е јасен и видлив. Во текот на овие 130 дена, опозицијата се разголи. И буквално и фигуративно. Дефинитивно, зимската, февруарска гардероба, ја заменија со летна, јунска. И толку од резултатите. Ах, да. Имаше уште една промена – од минус 8, температурата во меѓувреме нарасна на плус 38, или цели 46 степени разлика од 9 февруари, кога ја објавија првата петарда. Толку од бројките. Кај рејтинзите на партиите, ефектот го нема. Ролките ги сменија со маички и со кошули „по кратки“, само Заев не ја смени кошулата…
По разговорите на Заев со ќерка му и интервјуто за „Радио Слободна Европа“, единствено нешто надвор од снимките за власта беа папките за мегасоросоидните НВО, кои останаа мистерија (или беа празни?) но кои откако некогаш СДСМ ќе победи, ќе мораат да се викаат само „О“, т.е. ќе бидат само организации. Тогаш „невладини“ или НВ ќе отскокнува од авион. Иако, и сега прекрасно би им одговарала кратенката ОО (опозициски организации) или најсоодветно би им „стоела“ кратенката „СС“, во превод соросоидни сателити. Секако, сите сличности со историјата на кратенката се случајни, нели… Можеби, пак, најсоодветно би било сите да се крстат пленуми. Најфер, дефинитивно. Ваква унификација одлично би кореспондирала со нивната, како и сѐ – препишана, ролја од „Ѕвездени патеки“. Таму асимилацијата на сѐ што мисли поинаку ја вршеа Боргите. На колективното перење на мозокот му претходеа зборовите: „ние сме Борги, ќе бидете асимилирани, отпорот е бесполезен…“ или современата македонска верзија „Ние сме СДСМ (или пленум, изберете самите)…“
И по разлика од цели 46 степени, 40 „бомби“ и повеќе од четиримесечна агонија, насмеаните лица зад лидерот не се сменија. Притоа, не мислиме на тие што се зад него за време на секоја „детонација“ во СДСМ. Лицата што стојат зад Заев не се статистите што ја сменија гардеробата на „Павел Шатев“. Тоа се непроменливите, 24/7, нонстоп исти лица на новинарско-аналитичарските јуришници. Истите тие неплодни стратези, кои радосно онанираа кога „црпнатиот“ спасител од Муртино му го рече „големото не“ во Брисел на Австриецот Хан. Нејсе што така даде негативен одговор на цела ЕУ, вклучувајќи го и Јункер, кој набргу си се изјасни, но довчерашните миленичиња на меѓународната заедница на почитуваниот и слушаниот им Фрчко не можејќи поинаку да го скријат срамот, се трансформираа во клети антиевропејци. Велат дека невозвратената љубов предизвикува страшни последици, а љубомората што следува е класична психо-патолошка реакција на отфрлениот, до вчера љубен фактор, или, можеби, партија? Особено, кога истата таа љубов не е почувствувана цели девет години…
Соголувањето на врхушката на СДСМ, пак, потпомогнато од високата температура, на тацна ја сервираше и причината за најавената радикализација на партијата. Разголувањето уште толку ја нагласи потребата од спас на сопствената кожа. Недостигот од аргументи, сега јасно увиден и од ЕУ и од САД, ја оттргна можноста за спас преку употребата на „Божјата рака“ на меѓународната заедница. Сега, спасот од судските процеси што следуваат се гледа во членството, кое ќе треба да го спаси лидерот од законот. Гандиевизацијата, со години пропагирана од Фрчкоски, сега потпомогната и од спроведувачот на анкети Спасов, треба да ја отелотвори во дело граѓанската непослушност на партијците. Кампот се покажа како антиреклама, „бомбите“ испаднаа петарди, а над Заев висат два случаја за мито и еден за незаконски обид за преземање власт со уцена. Нема друго чаре освен Спасовата „гандиевизација“. Проблемот е како да ги натерате сдсмовците, како приврзаниците на Ганди, во знак на протест да ги напуштат работните места во администрацијата, во исто време кога други партијци пред владата спијат и живеат таму за да ја добијат истата таа работа?!
Jуришниците, конечно, во право – Заев се надмина себеси
Мизеријата на обвиненијата кон Јоханес Хан не ја изненади јавноста. Дури и новинарските, опозициски чеда што „израснаа“ на пари и на проекти на ЕУ (вредни стотици илјади евра) ги „репетираа“ своите интернет-сајтови и распукаа по еврокомесарот. Настрана небулозноста на обвинувањата, секој нормален во државата, пак, би се прашал една работа: како тоа еден еврокомесар, кој е пандан на министер во влада, работел на своја рака? Демантот на опозициското лошо составено „оцрнување“ на Хан дојде и од претседателот на ЕУ, Јункер. Но СДСМ не лаже, нели, ниту, пак, нивните „професионални“ медиуми, кои не влегуваат во политички шеми и не одработуваат?! Со топлото време, се разголеа и медиумите и опозиционерите и „невладините“, кои, дефинитивно, се антивладини…
„Заев се надмина себеси“, ова беше еден од „најдобрите наслови“ на еден од латентните властољупци, кој наспроти сета глупост на канонадата кон Хан и кон ЕУ, го величаше лидерот што неуморно работи на урнисување на државата и на неговата матична, самонаречена, „државотворна“ партија. Лошите совети, откриени по загубената фацијална експресија на „спасителот“, не помогнаа ниту со глумата во Скопје, кога Заев и Пендаровски се „згазија“ од смеење во кампот пред Влада по преговорите на Водно, ниту со насмеаните „лица“ на лидерската двојка во Брисел лиферувани на „Твитер“ од „поубавата“ лидерска половина. Сега им се виновни сите… Прашање на време е кога ќе соопштат дека третиот братучед на Викторија Нуланд учествувал со влог во некоја од нововлезените американски фирми во Македонија. По разочарувањето од лошата ЕУ, СДСМ сега се крсти во САД. Соопштението на Стејт департментот за поддршката на Хан и на ОБСЕ за оцената на изборите во 2014 година не ги свести. Прашање на време е кога за нив и Вашингтон, како и Брисел, ќе биде корумпиран дел од „режимот“. А само тие невини и слободоумни, со 12 милиони евра капитал, стотици илјади евра кирии и огромна желба за власт…
(Целиот текст е објавен во 146. број на неделникот „Република“, 19.06.2015)