За тројца отпуштени од „Телеком“, СДСМ си подготвиле список да вработат еден нов човек, пишува денес порталот „Република“ повикувајќи се на документацијата од судот во Њујорк.
Според обвинението на судот во Њујорк, Македонски Телекомуникации и Стоунбриџ склучиле повеќе слични договори со Чаптекс, сите на износ малку под милион евра, што овозможувало договорот да биде склучен без да биде распишан тендер и да се јават повеќе понудувачи на истата услуга, објави „Република“.
Поратлот кој редовно ја следи документацијата од судот во Њујорк поврзана со аферата „Телоеком“и наводите дека политичарите на СДСМ и ДУИ во 2005 година земале милионски суми на мито во замена за поголем број отстапки во полза на „Македонски Телекомуникации“ и „Маѓар Телеком“, нагласува дека меѓу најшокантните сведоштва содржани во доказниот материјал во Окружниот суд во Њујорк, е сознанието дека овие две компании и платиле на Владата на Бучковски и Шекеринска со цел да се смени дури и законот за работни односи.
Македонија при крајот на јули 2005 година изгласа нов закон за работни односи, а на 1 јуни истата година, групацијата „Стоунбриџ“ предводена од „Маѓар Телеком“, која е доминантен сопственик на „Македонски Телекомуникации“, склучила договор со кипарската фирма „Чаптекс“, дел од мрежата компании на грчкиот бизнисмен Димитриос Контоминас. Со овој договор, е предвидено „Стоунбриџ“ на Чаптекс да им исплатил 980.000 евра во замена за лобирање кое ќе овозможи законот за работни односи да биде прилагоден на потребите на „Македонски Телекомуникации“, пишува „Република“.
Порталот повикувајќи се на обвинението на судот во Њујорк, пишува дека „Македонски Телекомуникации“ и „Стоунбриџ“ склучиле повеќе слични договори со Чаптекс, сите на износ малку под милион евра, што овозможувало договорот да биде склучен без да биде распишан тендер и да се јават повеќе понудувачи на истата услуга.
Причината поради која „Маѓар Телеком“ и „Македонски Телекомуникации“ сакале да го изменат законот за работни односи станува јасна од повеќе имејл преписки и документи содржани во доказниот материјал доставен пред судот во Њујорк, каде им се суди на тројца поранешни менаџери на „Маѓар Телеком“ – Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи. Од документите станува јасно дека „Македонски Телекомуникации“ и унгарско-германските газди сметале дека во компанијата има вработено на преголем број кадар кој не ги задоволува потребите на компанијата. Во 2004 и 2005 година, компанијата го искасапила бројот на вработени, отпуштајќи првин 750 лица, а потоа дополнителни над 500 вработени, притоа, и покрај рекордните профити обезбедени благодарение на монополската позиција заштитена од Владата, „Македонски Телекомуникации“ се обидуваа да им исплатат што е можно помала отпремнина на отпуштените работници. Ова предизвика протести на синдикатите, кои се повикуваа на законот за работни односи за да ги спречат масовните отпуштања. Како одговор, компанијата ангажирала домашни експерти да учествуваат при измените на законот за работни односи, и потпишала договор со компанијата на Контоминас – „Чаптекс“ – за кој се претпоставува дека овозможил директно потплатување на одговорните македонски политичари.
Елек Штрауб, директор на „Маѓар Телеком“, на 14-ти декември 2004 година испратил подолго писмо до професорот на Правниот факултет и претседател на Бордот на директори на „Македонски Телекомуникации“ Дејан Мицковиќ и до Јован Пејковски, советник на премиерот Владо Бучковски. Во ова писмо, Штрауб меѓу другото, побарал на компанијата да и се овозможи да продолжи со масовно отпуштање на вработените.
Во замена за отпуштањето на стотици вработени, Штрауб нуди компанијата да вработи еден нов работник за секои тројца што ќе бидат отпуштени. Од документите достапни до судот, јасно е дека функционерите на СДСМ гледале можност партиски да влијаат врз списоците за вработување на новите работници и барале вработувањето на новите кадри да се случи веднаш.
Секако сакаме да го одржиме, и да го зголемиме нивото на професионален талент во компанијата. Тоа прашање го покренавме и претходно, на моите средби со претседателот на Македонија господинот Бранко Црвенковски, како и со премиерот на Македонија, господинот Хари Костов, каде реков дека ќе ги разгледаме можностите да вработиме млади професионалци кои ќе ги освежат кадровските резерви на компанијата и со тоа ќе овозможиме вработување на универзитетски образувани кадри. Како што ви напоменав и порано, сметаме дека соодносот на еден ново-вработен за секои тројца вработени што ќе заминат ќе овозможи да добиеме здрав сооднос на искуство и нов вид на размислување во компанијата. Ова, сепак, не значи дека „Македонски Телекомуникации“ може да вработи дополнителни 30 проценти од својата работна сила веднаш, како што вие индициравте во вашата порака – им пишува Штрауб на Мицковиќ и Пејковски, при што додава дека би прифатил да се разгледаат кандидатурите на 250 нови работници, а во исто време, спомнува дека 757 работници ќе бидат отпуштени.
Во мај 2005 година, пред донесувањето на законските измени, професорот Мицковиќ испратил писмо до Михаел Гунтер, потпретседател на „Т-Мобиле Германија“ задолжен за средна и источна Европа, во кое го информира дека Владата не е задоволна со соработката со компанијата и поднесува серија барања до компанијата, меѓу другото наведувајќи дека Владата ќе распише тендер за трет мобилен оператор со што ќе му создаде дополнителна конкуренција на тогашниот неприкосновен „Мобимак“, ќе престане да го користи „Мобимак“за потребите на јавната администрација, ќе почне со уривање на базни станици поставени од компанијата и редица други најави кои „Маѓар Телеком“ и „Дојче Телеком“ ги примиле како своевидни закани од македонските власти. Овие најави водат до корупцискиот скандал, во кој „Македонски Телекомуникации“ почнале да им исплаќаат милионски суми на политичарите од СДСМ и ДУИ. Интересно во оваа порака е што Мицковиќ веќе најавува дека Владата не се откажала ниту од барањето да се спречат отпуштањата во „Македонски Телекомуникации“.
– Овој протокол не содржи три услови кои се од врвен интерес за Владата.
- Вработубање на 250 нови лица во компанијата.
- Обврската на „Македонски Телекомуникации“ да не ја зголемува месечната сметка за фиксна телефонија без претходна согласност на Владата.
- Обврската на „Македонски Телекомуникации“ да не го намалува бројот на вработени без согласност на синдикатите.
Со исклучувањето на овие прашања, кои претходно и беа изкомуницирани на јавноста, Владата на Македонија јасно покажа дека е решена да соработува со „Маѓар Телеком“ во изработката на подзаконските акти. Позитивното разрешување на овие прашања во претстојниот период ќе зависи од ова. Се надевам дека господинот Елек Штрауб ќе го прифати предлогот на Владата на Македонија. Сакам да ве уверам дека ова е апсолутно последна шанса да постигнеме согласност – пишува во пораката на Мицковиќ до Гунтер, која одбраната на тројцата обвинети унгарски менаџери ја користи како потврда дека македонската Влада, преку професорот Мицковиќ, практично барала рекет од „Македонски Телекомуникации“ и „Маѓар Телеком“ заканувајќи им се со последици по нивниот бизнис.
За да издејствуваат законско покритие на планираните масовни отпуштања и да им ја одземат можноста на синдикатите да го блокираат нивниот план, Стоунбриџ го потпишал скандалозниот договор со Чаптекс во кој е наведено дека цели на договорот се “да се откажат или видоизменат правилата во врска со учеството на синдикатоте во отпуштањат на начин во кој обврската да се информираат или да се усогласат синдикатите нема да влијае да се одложи ефектуирањето на прекинувањето на работниот однос”.
Со ова, за да си ги одврзат рацете да продолжат со отпуштање на своите 1.000 работници, „Македонски Телекомуникации“ порачале менување на еден од најзначајните законски акти во државата, и за таа цел им исплатиле скоро милион евра на СДСМ и ДУИ, преку Контоминас.
Компанијата била задоволна од сработеното и на 15 август 2005 година, директорите на Стоунбриџ и Чаптекс, Золтан Кишиуж и Михаил Кефалојанис, потпишале документ со кој се потврдува дека целта на претходниот договор била целосно исполнета. Прашањата кои обвинителството и одбраната ги доставиле до судот откриваат повеќе детали во која насока ќе се одвива истрагата за овој дел од аферата „Телеком“.
Во сетот прашања планирани за Јован Пејковски, советникот на премиерот Бучковски, кој треба да се појави како сведок пред судот во Њујорк, се содржани и прашања од типот, како тоа македонската Влада можела да се согласи на план за отпуштање на толку голем број вработени од најпрофитабилната компанија во земјата во услови на невработеност од 37 проценти: “Што знаете за планот на „Македонски Телекомуникации“ да се намали бројот на вработени? Како функционираше програмата за нивно отпуштање? Дали во тоа време стапката на невработеност во Македонија изнесуваше приближно 37 проценти? Под тие околности, дали одлука за намалување на бројот на вработени во МТ ќе беше популарна во јавноста? Дали македонскиот закон дозволуваше синдикатите да влијаат колку вработени ќе бидат отпуштени? Дали македонскиот закон спречуваше МТ да го измени колективниот договор со своите вработени? Дали „Маѓар Телеком“ лобираше за измени на законот за работни односи во 2005 година? Кои беа причините што „Маѓар Телеком“ ангажираше лобисти?”, пишува во сетот прашања предвидени за Јован Пејковски.