Републиканските пратеници соопштија дека ќе започнат брза истрага за тоа како вооружен маж успеал да се качи на покривот на зграда во близина на местото на кој се одржуваше предизборниот собир на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и да испука повеќе истрели пред да биде убиен.
Мајк Џонсон, спикер на Претставничкиот дом на САД, кој е под контрола на републиканците, рече дека пратениците ќе повикаат на сослушувањ службеници од Тајната служба, Одделот за внтрешна безбедност и на Федералбото биро за истраги (FBI).
Кимберли Читл, директорката на Тајната служба, задолжена за безбедноста на највисоките американски функционери и членови од нивните потесни семејства, е повикана на сослушување на 22-ри јули.
Иако сè уште нема многу информации за инцидентот, првичните извештаи на медиумите посочуваат дека напаѓачот наводно бил надвор од безбедносниот периметар на местото на одржување на кампањата во Батлер, во сојузната држава Пенсилванија. Извор за британскиот радиодифузер BBC изјавил дека видел маж со пиштол и безуспешно се обидел да ги извести полицијата и тајната служба.
Во соопштението рано во неделата, FBI го идентификуваше 20-годишниот Томас Метју Крукс од Бетел Pарк, исто така во Пенсилванија, како „субјект вклучен“ во обидот за атентат. Тој бил регистриран републиканец, наводно според евиденцијата на државните гласачи.
Меѓутоа, агенцијата Reuters открива дека кога Крукс имал 17 години, значи пред три години, тој направил донација од 15 долари за ActBlue, политички акционен комитет кој собира пари за левоориентираните и демократските политичари, според пријавата на Федералната изборна комисија од 2021 година. Донацијата беше наменета за Progressive Turnout Project (Прогресивен проект за излезност), национална група која ги мотивира и собира демократите да гласаат. Групите не одговориле веднаш на барањето на Reuters за коментар.
Специјалниот агент на FBI, Кевин Ројек, на брифинг со новинарите изјави дека бројот на истрели што напаѓачот можел да ги испука е „изненадувачки“.
Локалната полиција ѝ помага на Тајната служба да ги обезбеди локациите каде Трамп одржува предизборни собири. Повремено помагаат агенти од други агенции во рамките на Одделот за домашна безбедност, како што е Управата за транспортна безбедност.
Собирите на Трамп генерално собираат илјадници негови поддржувачи, се одржуваат на отворено и траат со часови. Пред настанот, агентите го пребаруваат местото за бомби или други закани, а Трамп секогаш пристигнува во поворка со придружба.
Органите за спроведување на законот обично поставуваат бариери како периметар и бараат од сите учесници да поминат низ детектор за метал за да влезат во областа. Вооружени чувари ги претресуваат чантите, па дури и паричниците на сите учесници.
Пол Еклофф, поранешен агент на Тајната служба, кој се пензионирал во 2020 година, рече дека агентите претходно ќе ги проверат и блиските покриви. „Овој поединец се криел додека не станал закана или не бил закана додека не го открил своето оружје“, рече Еклоф.