
Голем број републикански функционери во неделата го повикаа претседателот Џо Бајден да се повлече од дожноста по повлекувањето од трката за нов претседатлски мандат, велејќи дека неговата неподготвеност да продолжи со кампањата ја доведува во прашање неговата способност да управува со земјата.
Претседателот на Претставничкиот дом во кој републиканците имаат мнозинство, Мајк Џонсон, сенаторот ЏејДи Ванс, кој беше избран од републиканскиот кандидат Доналд Трамп за негов потпретседател на изборите на 5 ноември, и други претставници го повикаа 81-годишниот актуелен претседател од редовите на демократите да поднесе оставка.
Бајден во својата изјава инсистираше дека ќе го заврши својот мандат кој завршува на 20 јануари 2025 година, а неговите демократи ги нарекоа републиканските повици „смешни“.
„Ако Џо Бајден не може да се кандидира за претседател, тој ниту може да биде претседател. Треба да поднесе оставка сега. Не може да се чека 5 ноември“, рече Џонсон.
Ванс на X напиша: „Ако Џо Бајден ја прекинува кампањата за реизбор, како може да го оправда останувањето на функцијата претседател“.
Некои републиканци, вклучувајќи го и сенаторот Марквејн Малин, побараа од кабинетот на Бајден да го отповика според 25-от амандман на американскиот Устав. Но, малку е веројатно дека владата, чии членови ги избра Бајден, ќе го стори тоа.