Од 1 март ќе ги отвориме рестораните, а од утре ќе им дозволиме на учениците од сите паралелки во малите населени места да учат со физичко присуство, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов при неговата посета на мултидисциплинарната болница за активно лекување во Исперих, јави дописникот на МИА од Софија.
Во исто време, главниот државен здравствен инспектор Ангел Кунчев, за Бугарското национално радио коментира дека врвот на новиот бран на коронавирус во Бугарија може да се совпадне со 4 април кога ќе се одржат парламентарните избори.
– Доколку не се почитуваат мерките, воведувањето на нови нема никаква вредност. Иако трендот не е добар, ние одржувавме добри позиции во споредба со другите земји… Врвот на новиот бран ќе се достигне пред изборите. Сè зависи од ширењето на новите мутации на вирусот. Во последниве денови, имаме 68 позитивни на британската мутација од 96 земени примероци, рече Кунчев.
Според него, во однос на британската мутација на вирусот има постепен пад на просечната возраст и таа сега изнесува под 50 години. Оваа мутација се повеќе е присутна кај помладите Бугари. Оваа мутација нема разлика во однос на потешки симптоми, поголеми последици или повеќе смртни случаи, само полесно се пренесува, додаде Кунчев.