Ретроспективна изложба на дела од Димитар Кондовски

ационалната галерија вечер во Даут-пашин амам ќе отвори ретроспективна изложба на Димитар Кондовски (1927-1993), која ќе ги опфати сите периоди од неговата творечка дејност. Изложбата се организира 30 години од последната средба на уметникот со македонската културна јавност.

Куратор на проектот е Емил Алексиев кој наведува дека Димитар Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии, а неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.

-Од овие причини, целта на оваа изложба е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијанија, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот, вели Алексиев и додава дека Кондовски е еден од малкутемина македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето.

Кондовски дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во 1952 година. Во 1958 година бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 година специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1952 до 1956 работел како професор по ликовно воспитување во Скопје. Од 1956 до 1960 работел како илустратор. Од 1960 до 1972 бил слободен уметник. Од 1972 до 1980 година бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 година бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде работел до 1987 година. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.

Покрај самостојните изложби и учеството на околу двесте групни изложби во земјава и во странство, Кондовски е автор на голем број тетарски и телевизиски сценографии (над двесте сценографски решенија за телевизиски емисии, за драми, за балетски и оперски претстави), а има опремено и неколку стотици публикации, со повеќе од две илјади илустрации. Еден е од основачите на групите „Денес“ и „Мугри“.

Ги добил наградите „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Климент Охридски“, Наградата за сликарство „Prix National3 на Меѓународниот фестивал на уметноста во Кан сир Мер во Франција, во 1974 година…

На официјалното отворање на ретроспективната изложба на Димитар Кондовски вечер во 20 часот во Даут-пашин амам најавени се обраќања на претседателот на државата Стево Пендаровски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.