Хеликоптер со кој се превезувале иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи на Иран се урнал во неделата додека летал над планинска област среде густа магла на враќање од посетата на границата со Азербејџан, рекол за агенцијата Reuters ирански функционер кој сакал да остане анонимен, додека иранските медиуми известуваат дека леталото во кое бил Раиси извршил тешко принудно слетување.
Соговорникот на Reuters исто така, рекол дека животите на Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан „се загрозени по хеликоптерската несреќа“. „Сѐ уште се надеваме, но информациите кои ни доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки“, рекол изворот.
Министерот за внатрешни работи Ахмед Вахиди изјави за државната телевизија дека само еден од трите хеликоптера од групата паднал и дека властите чекаат дополнителни детали. Раиси отпатува до границата со Азербејџан за свеченото отворање на браната Киз-Калаиси, што беше заеднички проект со соседната земја.
Лошото време ги отежнува спасувачките операции, објави државната новинска агенција IRNA.
Државната телевизија ја прекина својата редовна програма за прикажување на молитвите на жителите за Раиси низ целата земја. Во аголот на екранот се емитува директен пренос од спасувачките тимови кои пеш ја пребаруваат планинската област во густа магла.
Хеликоптер со иранскиот претседател Ибрахим Раиси доживел несреќа во северозападниот дел на земјата, потрагата е во тек, јавува државниот телевизиски канал PressTV.
„Според извештаите, хеликоптерот со претседателот Раиси доживеа несреќа во северозападен Иран“, се вели во публикација на каналот на плaтформата Telegram.
Според прелиминарните податоци, хеликоптерот имал „тешко приземјување“ во близина на градот Џулфа во иранската провинција Источен Азербејџан. Спасувачките екипи се обидуваат да излезат на местото на инциденетот, ситуацијата е комплицирана поради лошите временски услови.
Како што пренесе агенцијата Tasnim, придружбата на претседателот вклучувала три хеликоптера. Во леталото кое доживеало инцидент биле и шефот на Министерството за надворешни работи, Хосеин Амирaбдолахиан и гувернерот на Источен Азербејџан, Малик Рахмати. Армијата, полицијата и пропадници на иранската Црвена полумесечина се испратени на местото на настанот. Според извештаите на медиумите, луѓето од придружбата на претседателот го контактирале командниот центар, што дава надеж дека за време на несреќата никој не е загинал.
Истовремено, министрите за енергетика и за патишта Али Акбар Мехрабиан и Мехрдад Базрпаш, кои се наоѓаа во друг хеликоптер, безбедно стигнаа до својата дестинација.
Агенцијата IRNA попладнето по македонско време објави дека спасувачите пристигнале во областа на инцидентот и започнале потрага. Во акцијата учествуваат 16 тимови. Во областа бил испратен и хеликоптер со спасувачи, но не можел да слета поради временските услови и бил принуден да се врати.
Подоцна, агенцијата Tasnim објави дека е можно да се утврди точната локација на леталото на претседателот. Се наведува дека хеликоптерот имал принудно слетување во тешко пристапно подрачје кај селото Узи.
Според весникот Tehran Times, кој се повикува на шефот на иранската Црвена полумесечина, еден од тимовите за пребарување и спасување стигнал на местото на инцидентот.
Претходно во неделата претседателот Раиси пристигна во Азербејџан. Таму заедно со азербејџанскиот колега по должност Илхам Алиев учествуваше на церемонијата на пуштање во употреба на хидроелектричниот комплекс Худаферин и на отворањето на хидроелектричниот комплекс Гиз Галаси, изграден на реката Араз.
Шеесет итригодишниот Раиси беше избран за претседател во вториот негов обид во 2021 година, а откако ја презеде новата функција наложи заострување на законот за морал, го надгледуваше задушувањете на насилните антивладините протести проследени со терористички напади во кои беа убиени над 110 припадници на иранските безбедносни сили, а беше и силно вклучен во нуклеарните преговори со светските сили
Во двојниот политички систем на Иран, поделен меѓу свештеничкиот естаблишмент и владата, врховниот лидер – ајатолахот а не претседателот, го има последниот збор за сите главни сектори на политиката. И покрај тоа, многумина го гледаат Раиси како силен кандидат за наследник на неговиот 85-годишен ментор, врховниот духовен водач ајатолахот Али Хамнеи, кој силно ја поддржува политичката насока на Раиси.