Ревија на народни носии од Скопскиот регион

Секторот за локален економски развој на Град Скопје во соработка со Здружението на уметници ракотворци АРТИ КРАФТ Скопје, годинава по втор пат ја организира манифестацијата „Ревија на народни носии од Скопскиот регион”, што ќе почне денеска во 11 часот во дворот на Црквата „Св. Спас“.

Во рамките на манифестацијата денеска во НУ Конзерваторски центар Скопје-Црква „Св. Спас“, со почеток во 12 часот ќе се одржи трибина на тема: „Народната носија од Скопска Блатија и Скопска Црна Гора како дел од носиите од горновардарската етнографска целина”. Свои излагања ќе имаат м-р Достана Караѓозоска Станковска, Робертино Дончев –дипломиран етнолог.

Утре, пак, ќе се одржи изложба на народни носии, накит и сувенири во дворот на Црквата „Св. Спас“, фолклорна прошетка со преку 13 КУД, како и настап на Виолета Томовска и Ансамбл Кочо Рацин-Скопје.

Град Скопје продолжува со трендот на развој на старите занаети и поттикнување на развојот на домашното ракотворење преку презентација на нашето богатство, културно наследство и традиција на автентични носии пред граѓаните на град Скопје и туристите. Бидејќи токму ракотворците преку своите дела говорат како се чува, како се негува, како се раскажува минатото кое е корен на секој народ.

Делата на ракотворците говорат за уметноста, способноста, за уметничката дарба, за креативноста, за духот на нашиот народ, говорат за нашето постоење, култура и традиција. Нивните дела се записи, сведоци на минатото на нашиот народ, и тие раскажуваат за богатата култура на сите народи од овој простор кои опстојувале со векови.

Целта на овој настан е да се популаризира народната носија од Скопскиот регион, како и да се промовира и одржи традиционалното занаетчиско производството и поттикне размената на искуства и знаење на занаетчиите, зголемување на продажбата на занаетчиските производи и услуги и зголеми туристичката понуда преку претставување на занаетчиството како бренд и симбол на препознатливост на град Скопје.