Ревизорите утврдија недоследности во пописната акција, се склучувале договори за опрема без постапка за јавна набавка

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година“.

Констатирани се одделни недоследности во врска со набавката на стоки и услуги за потребите на пописот:

-набавена е софтверската апликација за самопопишување без надомест, без притоа да се уреди дали станува збор за донација или спонзорство,
-во постапките за јавни набавки, изјавите за непостоење на судир на интереси се потпишани само од оние членови во комисиите за јавни набавки кои учествувале во постапката,
-склучени се анекси на договорот за набавка на информатичка опрема- лаптопи, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, со кои се менуваат условите и роковите за реализација на договорот,
-спроведена е постапка за набавка на услуги за медиумска кампања со преговарање без објавување на оглас, без претходно обезбедување на позитивно мислење од страна на Бирото за јавни набавки,
-набавени се средства за заштита од КОВИД-19 без спроведување на постапка за јавна набавка.

„Укажуваме на потребата од законско уредување на правото на надоместок на членовите на Советот за статистика, односно на допрецизирање на членот во Законот за државната статистика во насока на дефинирање на намените и висината на финансиските средства кои се предвидуваат и исплаќаат на Советот за статистика“, велат од Државна Ревизија.

Од страна на раководното лице на Државниот завод за статистика доставени се забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор. Забелешките се разгледани и оценето е дека истите во најголем дел преставуваат образложение за причините за констатираните состојби, една делумно се прифаќа и две не се прифаќаат.