
Државата потрошила илјадници евра за да набави систем за евиденција на вработените во јавната администрација и да ја зголеми нивната ефикасност. Во последните години дополнително за него се трошени милиони, а системот не функционира, утврдил Државниот завод за ревизија. Во извештајот кој се однесува на Министерството за информатичко општество и јавна администрација, ревизорите отвораат сомнежи за фукционалноста на таканаречениот „Интергиран систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) кој првично бил набавен во 2014 година и за него тогаш се платени два милиони евра, објави Фактор.
Овој систем е сочинет од четири интегрирани модули и тоа за персонална евиденција, пресметка на плата, генерирање извештаи и за управување со учинок. Ефектот од овој систем требало да е прецизен регистар на вработените во јавниот сектор, да се подобри ефикасноста на администрацијата, да има точни информации за вработените и да се намалат трошоците поврзани со вработените. Сепак тоа не се постигнало. Напротив и покрај постоењето на системот Министерството за информатичко општество составувало Годишен извештај за администрацијата кој не содржел исти податоци со тие од ИСУЧР.
Ревизорите откриваат дека според овој систем во 2018 година има 1.310 државни институции со пријавени 78.320 лица вработени во нив, додека во Годишниот извештај што го изготвило Министерството било напишано дека има 1.314 институции со 132.068 лица кои се во работен однос. Ревизијата утврдила дека разликата е видлива и дека се јавува само поради тоа што во системот које платен не се внесувале податоци. Во дури 201 институција немало внесено ниту еден вработен.
За системот кој практично не функционира биле потрошени нови пари.
ревизијата утврдила дека само во 2018 година овој систем ја чини државата 343 илјади евра. Годинава е објавен нов тендер за подобрување на функционалноста на системот вреден над 810 илјади евра
Ваквата состојба упатува на тоа дека основните цели за кои е воспоставен ИСУЧР не се реализираат согласно утврдената динамика, а за воспоставување и одржување на истиот во изминативе четири години се направени значајни расходи. Ревизијата укажува дека во февруари 2019 година Министерството објавило оглас за доделување јавна набавка за модернизација на веќе постоечкиот информациски систем за управување со човечки ресурси, со кој помеѓу другото, се планира и воведување на нови функционалности и развивање на нов модул за управување на работени процеси на проценета вредност од 50 милиони денари. Во периодот на известување, јавната набавка сѐ уште не е завршена, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Државниот завод за ревизија прави доплнителна ИТ ревизија на овој систем.