Нема договор за албанската паралелка во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка. Министерот за образование Јетон Шаќири не попушта, учениците ја бојкотираат наставата, а родителите протестираат.
Секојдневните протести на родителите станаа тензични. Тие бараат оставка од директорката Елена Николова, која денес морала да побара полициска заштита за да дојде на работното место.
-Ние ги пренесовме заклучоците од состанокот и револтот е токму поради тоа зголемен. Единствено што во моментов е официјално барање од нас, е смена на директорката. Во тој случај наставата ќе тече нормално и ќе продолжиме да комуницираме со министерот и со останатите за да се најде решение, изјави за Алфа, Цвета Пешовска, родител.
Училиштето, според статутот е само за настава на македонски јазик и во населено место со Македонци и отворањето на ваква паралелка, според родителите е насилно и незаконски.