Научниците открија резервоар со течна вода на Марс, длабоко во карпестата надворешна кора на планетата. Ова откритие доаѓа од новата анализа на податоците од сондата „Mars InSight“ на американската агенција за вселенски истражувања NASA, која слета на Црвената планета во 2018 година.
Сондата носеше сеизмограф кој забележа четиригодишни вибрации, zемјотреси од длабочините на Марс. Со анализа на тие потреси, точно како се движи планетата, откриле „сеизмички сигнали“ на течна вода.
Иако има замрзната вода на половите на Марс и докази за пареа во атмосферата, ова е првпат на планетата да се најде течна вода, а наодите беа објавени во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.
Научната мисија на „InSight“ заврши во декември 2022 година, откако четири години го ослушнуваше „пулсот на Марс“. За тоа време сондата забележала повеќе од 1.319 земјотреси. Со мерење на брзината на движење на сеизмичките бранови, научниците утврдиле низ кој материјал најверојатно се движат.
„Тоа се всушност истите техники што ги користиме за да бараме вода на Земјата или да бараме нафта и гас“, објасни професорот Мајкл Манга од Универзитетот во Калифорнија во Беркли, кој учествуваше во истражувањето.
Анализата открила резервоари со вода на длабочини од околу 10 до 20 километри во кората на Марс.
„Разбирањето на водниот циклус на Марс е од клучно значење за разбирање на еволуцијата на климата, површината и внатрешноста“, рече водачот на студијата д-р Вашан Рајт од Океанографскио институт во Сан Диего.
Професорот Манга додава дека водата е „најважната молекула во обликувањето на еволуцијата на планетата“. Ова откритие, вели тој, одговара на големото прашање „каде отиде целата вода од Марс?“.
Истражувањето на површината на Марс покажува дека во древно време на планетата имало реки и езера. Но, веќе три милијарди години тоа е пустина.
Дел од таа вода исчезнала во вселената кога Марс ја загубил атмосферата. Но, како што вели професорот Манга, овде на Земјата, „голем дел од нашата вода е под земјата, и нема причина тоа да не биде случај и на Марс“.
Сондата „InSight“ можела да снима само директно од кората под нејзините ногарки, но истражувачите очекуваат да има слични резервоари низ планетата. Сепак, истакнуваат тие, локацијата на таа подземна вода не е добра вест за милијардерите кои планираат да го колонизираат Марс.
„Таа е заробена на 10-20 километри длабоко во кората. Дупчењето дупка длабока 10 километри на Марс – дури и за Илон Маск – би било тешко“, изјави Манга за BBC.
Откритието може да укаже и на друга цел во потрагата по докази за живот на Марс.
„Без проточна вода немате живот. Значи, ако има услови за живот на Марс, тие би можеле да бидат длабоко под повчата“, вели професорот Манга.