
Украина ги истражува околностите во врска со инцидентот со беспилотното летало што минатата седмица падна во Загреб и сигурно е дека таа не го лансирала дронот кон Хрватска, изјави денеска украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников.
„Јас сум во секојдневен контакт со хрватскиот колега, разговараме за тоа, го истражуваме инцидентот и ве уверувам дека ние не сме тие што го лансираа дронот кон Хрватска. Хрватска е наш пријател и никогаш не би го сториле тоа“, рече Резников кој преку видео-врска учествуваше на состанокот на членовите на Одборот за надворешна политика на Европарламентот, Пододборот за безбедност и одбрана, како и на членови на парламентарната група ЕУ-Украина.
Одговарајќи на прашање на хрватскиот пратеник, Тонино Пицула, Резников потсети дека Украина беше меѓу првите држави што ја признаа Хрватска и меѓу првите кои испраќаше оружје за време на војната во Хрватска.
Тој ја искористи можноста да постави реторичко прашање и по однос безбедносниот систем на НАТО.
„Дронот прелета неколку држави-членки, како не го видовте, зошто не го уништивте, можете ли да го обезбедите сопствениот воздушен простор“, забележа украинскиот министер за одрбана Резников.