Се реализира проектот на Владата на Република Македонија, „Фондот се грижи за хроничните болни“. Комуникацијата во кол центарот се одвива со телефонски јавувања, смс пораки и е-пошта со осигуреници кои се хронично болни од кардиолошки, бубрежни заболувања и дијабетес.
За дваесет дена десетте тима на вработени во Фондот контактирале 3.120 осигуреници со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања, од предвидените 154.531 осигуреник. Можеме со задоволство да констатираме дека за овој краток период од 20 дена, наидовме на позитивен приeм кај осигурениците кои ги контактиравме.
Од досегашните јавувања увидовме дека осигурениците се запознаени со тежината на нивното заболување и имаат основни информации за својата терапија, начинот на исхрана и животен стил. На наше изненадување, неколку осигуреници знаеле дека имаат болест, но не биле сигурни какви се последиците од ненавременото одење на лекар и примање на соодветна терапија. Сепак, по укажување од нашите вработени, овие осигуреници се согласиле посовесно да се однесуваат кон своето здравје и да ги слушаат препораките на лекарите, соопштуваат од Фондот.
Осигурениците поттикнати од јавувањата се интересирале и за други права од здравственото осигурување, кои се во надлежност на Фондот, како што се: остварување право на ортопедски помагала, право на медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување и бараа дополнителни информации за лекови на позитивната листа.
Тимовите на Фондот се составени од вработени од поголемите подрачни служби како што се: Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Велес, Прилеп и Куманово.
Тие се јавуваат на осигурениците со трите хронични заболувања да ги потсетат кои прегледи треба редовно да ги прават, да ги информираат за комплексноста на заболувањето, со цел да се стопира можната прогресија на болеста.