Ракометната федерација на Македонија (РФМ) подготвува награда за ракометарите, кои од 13 јануари ќе учествуваат на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Федерацијата, која што и во минатото знаела да застане зад ракометарите и соодветно да ги награди за резултатите, сега со 50.000 евра ќе ги мотивира момците на Кирил Лазаров за пласман во втората фаза на континенталниот собир.
„Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) донесе одлука да ги награди ракометарите на машката сениорска репрезентација со 50.000 евра за пласман во втората, односно главната фаза на Европското првенство“, велат од Ракометната федерација на Македонија.
Македонија е во финална фаза од подготовките за шампионатот, кој го стартува на 13 јануари против Словенија, а потоа ја чекаат судири уште со Данска и Црна Гора.