Ријад порача: Нема нормализација на односите со Израел без палестинска држава

Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фајсал бин Фархан ал-Сауд е категоричен дека не може да има нормализација на односите со Израел без решение за палестинското прашање, произлегува од интервјуто за американската телевизија CNN емитувано во неделата.

На прашањето дали може да се постигнат нормални односи без пат кон кредибилна и неповратна палестинска држава, принцот Фајсал бин Фархан ал-Сауд изјави за Фарид Закарија од CNN: „Тоа е единствениот валиден начин. Поради тоа што потребна ни е стабилност, а стабилноста ќе дојде само преку решавање на палестинското прашање“.

Коментарите на саудискиот министер за надворешни работи беа дел од интервјуто снимено за време на Светскиот економски форум одржан во Давос, Швајцарија минатата седмица, кое беше емитувани на CNN во неделата.

Деескалацијата на конфликтот во Газа и запирање на гинењето цивили е клучен фокус за Саудиска Арабија, рече министерот.

„Она што го гледаме е дека Израелците ја уништуваат Газа, цивилното население во Газа. Тоа е целосно непотребно, потполно неприфатливо и мора да престане“, порача шефот на саудиската дипломатија.

Министерство за здравство на Газа соопшти денеска дека повеќе од 25.000 Палестинци се убиени, а повеќе од 62.000 се ранети во израелската војна во енклавата започната на 7-ми октомври, како одвовор на Израел на нападнат без преседан од палестинските милитанти групации на југот на еврејската држава.

Саудиска Арабија ги запре разговорите за потенцијална нормализација на односите со Израел, уште на 14-ти октомври. Сунитската монархија ги суспендира преговорите под покровителство на САД за нормализација на односите со Израел, поради израелското ракетирање на палетсинската енклава Појасот Газа, а тоа беше потврдено истовремено додека во Саудиска Арабија престојува американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Саудискиот престолонаследен принц Мохамед бин Салман ал-Сауд претходно во септември потврди дека двете земји се движат кој нормализација на односите. Претходните години имаше повеќе средби во тој правец, вклучително и информацијата дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тајно престојувал во Ријад поради преговорите.

Во јануари 2022 година израелскиот претседател Исак Херцог престојуваше во својата историска прва посета на Обединетите Арпски Емирати, кога изјави дека неговата земја ја поддржува потребата на оваа земја во Персискиот залив за безбедност и дека се залага за посилни регионални врски, во моментот кога светските сили се обидуваат да го заживеат нуклеарниот договор со Иран со кој и двете земји се спротиставени.

„Секој ден сме сѐ поблиску“, изјави минатиот во септември 2023 година принцот бин Салман за американската телевизиска мрежа Fox News, првпат опишувајќи ги саудиско-израелските разговори како „сериозни“.

Ријад од почетокот на новата израелско-палестинска војна во палестинската енклава го критикува „присилното иселување на палестинскиот народ од Газа“, и го осуди она што го нарекува „континуирано гаѓање на изложените цивили“.

До пред три години Египет и Јордан беа единствените арапски држави кои имаа воспоставени дипломатски односи со еврејската држава. Со посредство на администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, од 2020 година Израел воспостави односи со Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан со ткн „Абрахамови договор“.

Саудиска Арабија која беше еден од главните поддржувачи на сириските бунтовници во војната од 2011 година, претходно годинава го покани сирискиот претседател Башар ал-Асад на самитот на Арапската лига чиј домаќин беше со што Сирија беше вратена во рамките на организацијата, откакко претходно во Пекинг склучи договор за повторно нормализирање на односите со шиитски Иран кој е најсилниот регионален поддржувач на владата во Дамаск.